Проектот за спортската сала во основното училиште „Крсте Петков Мисирков“ во битолското село Бистрица е на ревизија, а за реконструкција на школскиот објект во што спаѓа и санацијата на оштетениот ѕид и замената на покривот со азбест, се подготвува јавна набавка за изработка на проектна документација. Ова се одговорите од Општина Битола на прашањата од САКАМДАКАЖАМ.МК, зошто нецела недела пред почетокот на новата учебна година уште не се направени градежните зафати?
Училиштето вчера побара од Општина Битола под итно да го санира ѕидот од школото што беше оштетен при рушењето на стариот објект каде ќе се гради училишна спортска сала, и да се замени дел од покривот од азбест зашто Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе забрани користење на една од училниците. Тие побараа да се променат покривите и таваните во подрачните училишта кои се во очајна состојба и се опасност за безбедноста на учениците.
Училиштето за проблемот со ѕидот и покривот во Бистрица ја известило Општината уште на 19 мај, а на 28 мај општинските власти одговориле дека санацијата и промената ќе ја завршат до почетокот на новата учебна година, која почнува за нецела недела.
Но на 18 август, на седница на општинската Комисија за јавни дејности, директорката на училиштето Татјана Апостоловска-Ѓоргиевска рече дека реконструкцијата не е започната.
Од Општина Битола, во врска со спортската сала чија реконструкција ја најавија во феврари годинава, денеска одговорија дека проектната документација била направена, ревидирана и изведувачите започнале со колчење на темелите. Но, при ископот била затекната септичка јама и изведувачот ја запрел изведбата. По долго преговарање со проектантите, се увидело непоклопување на котите од проектната документација со реалните на терен, по што се изработил проект за измени во тек на градба, кој моментално е испратен на ревизија. Од Општина велат дека откако ќе се добие позитивна ревизија и дозвола за градба, изведбата ќе продолжи.
За реконструкцијата на покривот на котларата во училиштето, заедно со други зафати на самата зграда, од Општината велат дека по ребалансот на буџетот, се спрема јавна набавка за изработка на проектна документација за реконструкција на објектот. Со неа ќе биде опфатено поставување изолација на фасаден ѕид и таванот, како и замена на асбестни кровни плочи на објектот.
Иако зафатите нема да бидат спроведени до почетокот на учебната година, од Општината велат дека ќе преземат мерки за учениците да добијат соодветни услови за непречен воспитно-образовен процес.
Ж. ЗДРАВКОВСКА