ПРОГЛАСЕНА ТРИДНЕВНА ЖАЛОСТ ВО ОПШТИНА ТЕТОВО

    ПРОГЛАСЕНА ТРИДНЕВНА ЖАЛОСТ ВО ОПШТИНА ТЕТОВОСоветот на општината донесе и одлука на семејството Зулбеари да му се даде еднократна парична помош во висина од 2 милиони денари, откако пет члена на семејството загинаа во пожар. (Фото: СДК.МК)

    Советот на општина Тетово, по повод трагичната смрт на петте членови од семејството Зулбеари, денес одржа вонредна седница на која прогласи три дневна жалост во Општината. За денови на жалост се прогласени денешниот ден, сабота и недела.

    Во овие денови се откажуваат сите културни и спортски манифестации во општината, а знамињата пред општинската зграда ќе бидат поставени на половина копје. Освен ова Советот на општината донесе и одлука на семејството Зулбеари да му се даде еднократна парична помош во висина од 2 милиони денари.

    „Средствата за помошта на семејството Зулбеари се одвоени од резервните фондови на буџетот на Општина Тетово. Исто така, наредната недела ќе се формира комисија ќе ја утврди висината на причинетата штета и на околните куќи кои исто така се оштетени од пожарот, со што и на нивните сопственици соодветно ќе им се помогне“ изјави градоначалничката на Општина Тетово Теута Арифи.

    Одлуките за доделување финансиска помош и за прогласување тридневна жалост беа едногласно донесени од сите присутни советници.

    Според градоначалничката Арифи, Општина Тетово на преостанатите тројца членови од семејството Зулбеари им обезбедила времено сместување и соодветна помош за полесно надминување на нивната семејна трагедија.

    Вчера изутрина во пожар кој изби во куќата на семејството Зулбеари во месноста Певчина животот го загуби Фатиме Зулбеари и нејзините четири деца. Пожарот избил на катот од куќата каде таа спиеле со децата. Во долниот дел од куќата биле нејзиниот свекор и свекрва кои успеале да се спасат од огнената стихија. Противпожарната единица од Тетово веднаш интервенирала и после речиси три часа борба успеала да го изгасне пожарот но и покрај големата пожртвуваност не успеала да ја спасат Фатиме и нејзините 4 деца.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира