ПРОКАПЕ ПОКРИВОТ ВО БИТОЛСКОТО ШКОЛО „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“ ПРОГЛАСЕНО ЗА КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО, ДИРЕКТОРКАТА ВЕЛИ НАСКОРО ЌЕ СЕ РЕКОНСТРУИРА

    ПРОКАПЕ ПОКРИВОТ ВО БИТОЛСКОТО ШКОЛО „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“ ПРОГЛАСЕНО ЗА КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО, ДИРЕКТОРКАТА ВЕЛИ НАСКОРО ЌЕ СЕ РЕКОНСТРУИРАОд училиштето велат дека дека навремено биле преземени сите потребни мерки за заштита и безбедност на учениците. (Фото: СДК.МК)

    Прокапе покривот на една од зградите од Основното училиште „Гоце Делчев“ во центарот на Битола, па вода протече во една од училниците. Ова се случи по врнежите дожд во текот на ноќта. Станува збор за зградата каде се изведува настава на албански јазик.

    Советникот Миле Трајковски од независната граѓанска иницијатива „Поинаку“  уште вчера на социјалните мрежи предупреди на опасност од „растурените капаци на покривот на училиштето“. Денеска објави фотографии од поплавената училница за кои вели дека му ги испратиле загрижени граѓани. На нив се гледа вода по подот, клупите, а кофи се ставени во училницата и еден од ходниците.

    „Парите на битолчани се трошат за финансиски дупки во јавните претпријатија, а децата одат во небезбедни училишта! Два дена зборувам на оваа тема и нема никаков одговор од надлежните! Поради тоа, в понеделник писмено ќе доставам барање до директорот/ката за средба и ќе барам одговори“, соопшти Трајковски.

    Директорката на „Гоце Делчев“ Наташа Ставревска, за САКАМДАКАЖАМ.МК рече дека не е сѐ како што изгледа на сликите. Потврди дека таванот прокапе, но вели дека неодамна имале реконструкција на оџаците, а училницата каде навлезе вода е затворена и не се употребува. Од училиштето на е-пошта испратија известување дека навремено биле преземени сите потребни мерки за заштита и безбедност на учениците.

    „Училиштето е прогласено за културно наследство, што значително го усложнува процесот на каква било реконструкција или реставрација, барајќи подолг временски период и добивање согласности и дозволи од Министерството за култура“, соопштија од училиштето.

    Додаваат дека во последните десет години забележана е зголемена потреба за реконструкција на дел од училишните згради. Сегашното раководство ги започнало постапките за конечно решавање на најкритичните делови. Уште минатата година било констатирано протекување во одредени училишни згради, била известена Општината, констатираа состојбата со записник и затворениа просториите кои протекувале.

    „Општината изготви проектна документација за реконструкција на објектот со цел зголемување на енергетската ефикасност. Примарниот акцент е ставен на кровната конструкција, а потоа и на фасадите и дограмата на училишните згради. Во тек е завршување на административните процедури околу оваа проектна документација, по што ќе може да се отпочне постапка за самата реконструкција на објектот“, соопштија од училиштето.

    Во рамки на ОУ „Гоце Делчев“ има 5 згради, а тоа е единственото училиште во градот каде настава се изведува на македонски и албански јазик.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира