Пропадна тендерот за изведувач на Универзалната сала во Скопје, кажа денеска министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
На 15 септември, министерот кажа дека на 26 септември завршува повикот за јавна набавка за изведувач и очекувањата се до почетокот на октомври да завршат постапките за избор на изведувач и надзор, по што ќе започне изградбата на Универзалната сала по системот „клуч на рака“. Таа треба да биде готова до крајот на 2027 и со тоа ќе биде во функција за проектот „Скопје Европска престолнина на културата 2028“.
„Минатата недела добивме известување од Комисијата за жалби дека тендерот за Универзална сала не помина бидејќи имаше одредена жалба и поплака во однос на изведувачот, единствениот кој беше. Според мене, не е суштински проблемот, но како и да е, има известување од Комисијата за жалби. Ова реално ќе ја одолговлечи работата за уште некои два месеца оти постапката сега ќе трае малку пократко, бидејќи онаа фаза во која го изработувавме тендерот траеше 15 до 20 дена. Сега во однос на таа фаза нема забелешки, што значи дека веднаш ќе го распишеме тендерот кога ке поминат тие 10 дена. Следната недела ќе го повториме тендерот, ќе трае 30 дена и се надевам дека до средината на јануари ќе го имамне новиот изведувач“, рече Љутков по посетата на Театар Комедија.
За овој проект одвоени се 20 милиони евра, распределени во три години. За 2025 се наменети 15,958 милиони денари, 360 милиони денари за 2026 и за 2027 година 450 милиони денари.
Универзална сала се запали на 9 април лани, само еден месец откако продолжија градежните работи за нејзина реконструкција. Почна да се реновира кон крајот на мандатот на ексградоначалникот Петре Шилегов во 2021. Со доаѓањето на Данела Арсовска на градоначалничката функција работите беа стопирани и две години ништо не се работеше. Потоа со одлука на Владата, Министерството за култура ја презеде Универзална сала додека министерка беше Бисера Костадиновска-Стојчевска и се продолжи со реконструкцијата, која беше стопирана поради пожарот. Откако ќе биде изградена, пак ќе премине во сопственост на Град Скопје.
Архитектот Бујар Муча, еден од авторите на проектот со тимот на „Мегарон Инженеринг ДОО“ од Скопје, пред два месеца кажа дека новата Универзална сала ќе има 1.200 седишта, наместо како претходно 1.500, партер-седишта кои се склопуваат и даваат можност да се прошири сцената и ЛЕД-сијалици наместо рефлектори, кои се 4-5 пати енергетски поефикасни.
Тој кажа и дека ќе има можност за филмски премиери, влезот е значително проширен, има пристап за лица со посебни потреби, во фоајето ќе има простор за седење, а просториите за вработените ќе бидат горе, каде што порано беше галеријата. Просторот за седење е намален, рече Муча, согласно европските регулативи за безбедност и заштита.
- НОВАТА УНИВЕРЗАЛНА САЛА ЌЕ ИМА ПОМАЛКУ СЕДИШТА ОД СТАРАТА, НО ЌЕ БИДЕ ЕНЕРГЕТСКИ ЕФИКАСНА И ПОАКУСТИЧНА, РЕЧЕ АРХИТЕКТОТ МУЧА
- ИНСТИТУТОТ НА ГАРЕВСКИ ГИ ПРАВЕЛ И НОВИТЕ ИСПИТУВАЊА НА УНИВЕРЗАЛНА САЛА, СЕГА ПОКАЖАЛЕ ДЕКА ТРЕБА ДА СЕ ПОЈАЧА КОНСТРУКЦИЈАТА
Б. НЕСТОРОСКА



