ПРОРАБОТЕ СИСТЕМОТ „МОЈ ТЕРМИН“ ЗА ЗАКАЖУВАЊЕ ПРЕГЛЕДИ

    ПРОРАБОТЕ СИСТЕМОТ „МОЈ ТЕРМИН“ ЗА ЗАКАЖУВАЊЕ ПРЕГЛЕДИ„Мој термин“ вчера не работеше или беше многу успорен низ цела држава, во примарната и секундарна здравствена заштита. (Фото: К. Попов)

    Утринава во функција е електронскиот систем за закажување прегледи „Мој термин“, кој вчера не работеше или беше многу успорен низ цела држава, во примарната и секундарна здравствена заштита. Редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК исконтактира повеќе здравствени установи, од каде ни потврдија дека утринава, засега, работи „Мој термин“.

    Д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари на Македонија (ЗПЛМ) вчера реагираше дека не можеле да ги прегледуваат пациентите, нити да издаваат упати и рецепти.

    Системот е во функција од вчера доцна попладне, но денеска пак имале проблеми. Слабо функционирал, тешко се доаѓало до термин и во јавното и во приватното здравство.

    „После 9 часот почна да кочи работата. За креирање еден упат, рецепт, се чекаше до пет минути. Работата е успорена“,  кажа д-р Чолакова-Дервишова.

    Уште потежок бил проблемот во јавните секундарни здравстени установи, болниците. Таму тој скоро и да не функционирал. Имало многу жолчни расправи со нездоволните пациенти, кои лутината ја истуриле врз медицинските сестри и докторите. Директорот на системот „Мој термин“ потврдува дека имало проблеми.

    „Кај приватното здравсто скоро и да немаше проблеми. Тие беа во јавното и тоа во перидот од 10 до 12 часот кога системот работеше успорено. Пациентите немале трпение да почекаат некоја минута повеќе. Вршевме скенирање каде е проблемот со стручни лица. И покрај сѐ до 13 часот имавме 124 илјади пишани рецепти и 80 илјади упати. Очигледно дека системот го надминал неговото време за користење, имаме зголемен број на пациенти. При неодамнешата средба со министерот за здравство, тој вети дека ќе се добиеме нова дата база“,  кажа Фатмир Дурмиши, директор на „Мој термин“.

    Според Шабани, системот  е стар 10 години, годишно се внесуваат од 20 до 40 милиони рецепти и околу 12 милиони упати. Инфраструктурата е застарена но, според Шабани, за еден до два месеца целиот систем ќе биде префрлен во новиот дата-центар, што ќе овозможи хардверски и софтверски подобрувања.

    Од Министерството за здравство не добивме одговор во што беше проблемот за вчерашното нефункционирање на „Мој термин“ и како ќе се санира.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира