Државниот просветен инспекторат го чешла работењето на основното училиште „Крсте Петков Мисирков“ од Радовиш за да утврди кој и како дал дозвола во училиште да се реализира верски обред. На социјалните мрежи излезе видео од ифтарска вечера во холот на училиштето, во кое се гледаат како стотина ученици седнати во училишните клупи заедно со повозрасни лица ја слушаат молитвата од оџата искачен на скалите од училишниот хол.
„Испратена е инспекција и по утврдување на фактичката состојба ќе излеземе со официјален став идната недела“, кажаа од Државниот просветен инспекторат.
Законската регулатива забранува секаков вид верско организирање и дејствување во улилиштата. Неофицијално, верскиот обред се случувал синоќа после 19 часот, иако пред неколку дена во Радовиш се организирала ифтарска вечера на која присуствувале возрасни припадници од муслиманската вероисповед.
Директорката на „Крсте Петков Мисирков“’ Олгица Стојанова денеска не беше достапна на телефон да објасни кога се случувал верскиот обред во нејзиното училиште и кој дозволил да има организирање и верско дејствување. Од Општина Радовиш беа затекнати од настанот во нивното основно школо.
„Со оглед дека не бев информиран и запознаен со настанот, од општинските служби побарав целосна и комплетна информација за случувањата во ООУ ‘Крсте Петков Мисирков’“, ни изјави градоначалникот Герасим Конзулов.
Радовишани беа изненадени од настанот. Велат дека поповите и оџите треба да бидат во верските објекти, а не во училиштата.
„Слушнавме дека имало пеење и ифтарска вечера. Но школото е за образование, а не за верски обреди. Тоа е голема срамота. Некој треба да одговара. Има часови по историја на религии и веронаука, но да се организира ифтарска вечера за деца во училиште е злоупотреба“, коментираат радовишани.
В. ТРАЈКОВ