Протече таванот од новата зграда на Македонскиот народен театар во Скопје. Хаваријата се случила во фоајето под терасата што гледа кон Музејот на холокаустот, каде што врз теписонот е послан најлон. Најлони има на двете страни од фоајето покрај гардероберите.
Фотографиите ни ги испратија граѓани кои синоќа биле на претставата „Животот е прекрасен“ во режија на познатиот бугарски режисер Александар Морфов. Според нив, а и според сликите што ги испратија, се гледа дека околу златните лустери во фоајето забележливи се свежи поправки со гипс на таванот.
Околу златните лустери во фоајето забележливи се свежи поправки со гипс на таванот (аматерска фотографија)
Гледачите што ни ги испратија фотографиите велат дека капело и во салонот, на десната страна под галериите. Некои од публиката мислеле дека капењето во салонот бил дел од претставата, ама бидејќи цело време се слушале капки од кај рефлекторите поединци и гласно реагирале.
Публиката цело време гледала нагоре. Претставата „Животот е прекрасен“ трае триипол часа.
Дел од теписонот во фоајето е покриен со најлон. МНТ почна со најава дека ќе чини 6 милиони евра, а достигнал сума од речиси 40 милиони евра (аматерска фотографија)
Никогаш не се откри колку точно чинеше изградбата на Македонскиот народен театар. Според медиумите што објавуваат истражувачки стории кои се повикуваат на документи на Бирото за јавни набавки достапни за јавноста, МНТ почна со најава дека ќе чини 6 милиони евра, а достигнал сума од речиси 40 милиони евра.
Новиот МНТ почна да се гради во 2008 како реплика на стариот театар што се урнал од земјотресот во 1963 година. Беше пуштен во употреба во септември 2013 по многу договори и анкес-договори, како што тогаш објаснуваа од Министерството за култура, поради сложеноста на објектот. Дури и по првата премиера, следеа уште анекс-договори. На новинарски прашања министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска кажуваше оти е сѐ според законите, никогаш не откривајќи ја крајната цена на чинење на МНТ.
Синоќа во театарот бил виден и директорот Дејан Пројковски, но не се знае дали дошол поради хаваријата. Зградата имаше проблеми со поплавување на подрумските простории уште во текот на градбата, а со таванот имало генерален проблем со одводот на терасата.
На 14 февруари годинава, по повод Свети Трифун, театарот доби бифе за вработените што е сместено на вториот кат.
Синоќа салонот бил преполн поради популарноста на претставата. Во понеделникот таа доби и Златна буба мара на популарноста.
„Животот е прекрасен“ е претстава од мината сезона на МНТ. Работена е по текст на рускиот драматург Николај Ердман забрануван во комунизмот, а по текстот „Самоубиец“ што подоцна стана најпопуларната драмска литература од тоа време од Советска Русија. Режисер е еден од најактуелните во Европа, Бугаринот Александар Морфов.
Во претставата играат Никола Ристановски, Николина Кујача, Билјана Драгиќевиќ-Пројковска, Тања Кочовска-Павловска, Емил Рубен, Сашко Коцев и многу други, со бенд, и многу статисти. Таа зборува за тоа како политиката го вади најлошото од човека, и кога тој го допира дното сфаќа дека нема ништо повозвишено отколку да имаш некој свој до себе, да го сакаш и да те сака. Тогаш е животот прекрасен.