Вработените во градинката „Ангел Шајче“ во Куманово денеска еден час протестираа пред управата, незадоволни што уште не им е исплатена јунската плата. Тие бараат надлежните да ја отстранат грешката и под итно да го решат проблемот, бидејќи им е загрозена егзистенцијата на семејствата.
„Никој не сака да оди на работа без плата. Нам не ни е гајле кој е крив, ниту која институција затаила. Си го бараме она што чесно сме си го заработиле на овие пеколни жештини. Доколку утре не ни ја исплатат платата ќе протестираме пред Општина Куманово, а в среда на неколку раскрсници во градот“, велат вработените.
На протестот никој не им се обрати, ни директорката на градинката ниту некој од Општина Куманово, да даде објсанување што се случува со платата.
Претставничката на регионалниот Синдикат за образование, наука и култура (СОНК), Цветанка Митевска, кажа дека има навестувања оти ситуацијата наскоро ќе се разреши, бидејќи е надминато недоразбирањето со Министерството за финансии и се работи на отстранување на административната грешка.
Едночасовниот протест се одвиваше во време додека децата спијат, по што воспитачките и негувателките се вратија на работа. Тие велат дека не сакаат да направат целосен штрајк и да не ги примаат децата во градинка, затоа што родителите не се виновни за состојбата во која тие се најдоа, па и на нив да им го искомплицираат секојдневието.
Проблемот со исплатата на јунската плата во кумановските градински настанал на релација Општина Куманово и Министерството за финансии, околу исплатата на новите вработувања во градинката кои биле релизирани како итни и неодложни.
С. НИКОЛИЌ