„Први на први“ е наречен настанот во кој група битолски планинари вечерва ќе почнат со полноќно искачување на Пелистер за да утрото да го дочекаат на врвот Антена. Ова ќе биде првиот настан во Новата година во Битола, па оттаму и симболичното име.
Искачувањето е во рамки на празничната програма „Зимска приказна“ во организација на Општина Битола. Но, ова ќе биде 11 пат како планинарот Влатко Крбалески изгрејсонцето на 1 јануари ќе го пречека на врвот на Пелистер. Тој и ја почна оваа традиција, а низ годините му се приклучија и други планинари. Покрај него, дел од групата „Олимпус Монс“ се Иванчо Тошевски, Александар Димовски, Јасмин Биберовиќ и Ана Крбалеска, кои веќе неколку години со ред се искачуваат за Нова година на Пелистер.
„Очекуваме меѓу 20 до 30 планинари да ни се приклучат во оваа новогодишна авантура. Нема ништо поубаво од Нова година да се дочека на Пелистер“, вели Крбалески.
Новогодишниот планинарски поход почнува 30 минути по Нова година од Инфо центарот на Пелистер, попатни дестинации се Палиснопје со планирано притигнување во 01:00 часот, Цапарска Пресека во 01:30, Планинарски дом Широка во 02:30, Антена во 7 часот на 2.601 метар надморска височина. Ќе им доделат и новогодишни подароци на вработените на пунктот на Радиодифузија на Антена. Потоа тргнуваат назад и се очекува во 15 часот да бидат во Инфо центарот каде ќе им бидат доделени благодарници.
Сите учесници на настанот треба да бидат во добра физичка форма и да поседуваат добра зимска планинарска опрема.
Ж. ЗДРАВКОВСКА