Првото бебе во Велешката болница се роди на петтиот ден од Новата 2024 година. Новороденчето на Ивана и Љупчо Јакимовски од селото Пеширово, Свети Николе, е машко, тешко 3.280 грама, долго 52 см, а се роди вчера во 12,30 часот на Акушерското одделение. Ова е трето дете во семејството Јакимовски на 29-годишната Ивана, покрај синовите Ивица и Дарио.
Градоначалникот на Општина Велес на бебето му подари чек од 15.000 денари.
Не се помни кога последен пат се чекало толку денови за да во Велешката болница се роди првото бебе во годината. Неофицијално, две бебиња на родители од Велес се родиле првиот ден во 2024, но на приватни клиники во Скопје. Лани, на Акушерското одделение во Велешката болница се родиле 300 бебиња, од нив 156 машки и 144 женски. Тоа е помалку за 83 бебиња отколку во 2022.
Една третина од бројот на новороденчиња во Велешко се со место на раѓање во Скопје, во тамошните болници. Затоа, пак, во Велешката болница се породуваат жени од Свети Николе, Лозово, Неготино.
П. ПЕЧКОВ