Како и минатите години, така и оваа, битолскиот вљубеник во планината, битолчанецот Влатко Крбалески со неговите пријатели, членови на Планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“, Иванчо Тошевски, Менде и Елена Давитковски, Ана Крбалеска, Пеце Давитковски и Јасмин Биберовиќ новогодишната ноќ ја поминаа во искачување на врвот Пелистер. Седумтемина планинари патот го поминаа во мрак, во екстремни услови со ниски температури и снег.
Имаа ретка можност да го дочекаат првото изгрејсонце на врвот Пелистер на 2.601 метар надморска височина. На овој начин прославија и мал јубилеј, ова беше десеттото искачување на 01. 01. на врвот Пелистер на планинарот Влатко Крбалески.
Горе поради ниските температури беше сè замрзнато, снег и мраз беа зафатени и на ѕидовите од надворешната страна на предавателниот пункт на Антена. Но, во Новата година ги дочека и сонце, па фотографиите што ги снимија и ни ги испратија покажуваат колку може да биде убаво првото новогодишно утро на капата на Пелистер.
Членовите на ПСК „Пелистер“ на сите им ја честитаат Новата година и им посакуваат здравје, среќа, љубов и повеќе изминати километри на планина.
Ж. ЗДРАВКОВСКА