РАБОТАМ АМА НЕ САКАМ ДА СЕ СЛИКАМ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА КИСЕЛА ВОДА ФИЛИП ТЕМЕЛКОВСКИ

    РАБОТАМ АМА НЕ САКАМ ДА СЕ СЛИКАМ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА КИСЕЛА ВОДА ФИЛИП ТЕМЕЛКОВСКИГрадоначалникот Темелковски вели дека работат, реализирале доста проекти, но исто така наишле и на низа проблеми па поради тоа поголеми резултати и решавање на проблеми на граѓаните ќе се видат во наредните три години.(Фото: СДК:МК)

    Работиме, поголем број од проектите кои ги ветив во кампањата за оваа година се исполнети. Не сакам да се сликам на секој завршен проект, вели градоначалникот на Општина Кисела Вода Филип Темелковски. Темелковски е градоначалник на Кисела Вода скоро 9 месеци, но досега немал ниту една прес-конференција на која ќе најави почеток или реализација на одреден проект, а на веб-страната на Општината преовладуваат информации за спортски игри или културно-забавни манифестации, наместо соопштенија за асфалтирани улици, уредени паркови и други комунални проблеми кои ги има низ општината.

    Градоначалникот Темелковски за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека работат, реализирале доста проекти, но исто така наишле и на низа проблеми, па поради тоа поголеми резултати и решавање на проблеми на граѓаните ќе се видат во наредните три години.

    „Општината има градочалник. Првата година од работата ќе ни помине во анализирање и правење проекти и убеден сум дека во наредните три ќе покажеме колку сме различни од како се владеело до сега. Сајтот го користиме како информативно гласило, а не за себепромоција и затоа преовладуваат информации од јавен карактер. Имаме некои проблеми кои, за жал, поради технички причини не можеме да ги решиме, но бараме начини да ги измениме. Не беа само долговите проблем туку и немањето проекти. Добро е што во кампањата за 2018 година не ветивме многу оти знаевме каква е состојбата, дека нема проекти, а да се направат потребно е време“, вели Темелковски.

    Тој вели дека се она што го ветил за оваа 2018 година година е исполнето. Биле обезбедени дрва за греење во зимата за ранливите групи граѓани, Општината наместо родителите од оваа учебна година ќе ги подмирува обврските за обезбедување на училиштата, поставени се 40 вифи зони, изградене е детско игралиште во рамките на паркот „Шопен“, реновирана е спортската сала во основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“, а реконструирани се и дел од улиците.

    „Првите улици кои ги ветивме и беа во најлоша состојба се реконструирани. Завршена е улица Саса 31 од еден километар и улица Сердарот во должина од 2 километри. Се асфалтираат улици и во Усје, Пинтија, Драчево. Кога ќе завршиме таму се префрламе со градежни работи низ урбаниот дел, каде ќе се крпат дупки, а таму каде има големи оштетување ќе се санираат цели улици. Имаме огромни проекти, но територијата на Кисела Вода е голема и кога правите зафати во Пинтија не можат да ги почуствуваат жителите на Пржино и обратно. Проблеми има големи кои се таложеле со години затоа можеби ефектот не е толку голем “, вели Темелковски.

    Во моментов, општинските служби работат на изработка на проекти за, како што вели Темелковски, да може да аплицираат пред меѓународните фондови, бидејќи Општината не е доволно финансиски моќна со сопствени средства да ги реализира сите проекти.

    „Се работи на проект за фекална канализација во Усје. Срамота е во 21 век, општина која е до центарот на градот 30 проценти да не е покриена со фекална канализација. Со кредит од Светска банка ќе правиме атмосферска канализација во Пржино и со тоа ќе го решиме проблемот и на населбите Црниче и Цветан Димов каде се слеваат водите. Не мислам дека оваа година ќе ни биде утната, првата година од работата ќе ни помине во анализирање и правење проекти, но убеден сум дека во наредните три ќе покажеме колку сме различни од она како се владеело до сега. Со проекти на кои работиме набргу ќе се видат резултатите, а ќе направиме многу нови зелени површини кои ќе овозможат похумано живеење“, додава Темелковски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира