РАБОТИМЕ ПО 12-14 ЧАСА, А НЕ НИ Е ДОИСПЛАТЕНА НИ НОЕМВРИСКАТА ПЛАТА, РЕКОА НА ПРОТЕСТОТ ВО ЗК „ПЕЛАГОНИЈА“

    РАБОТИМЕ ПО 12-14 ЧАСА, А НЕ НИ Е ДОИСПЛАТЕНА НИ НОЕМВРИСКАТА ПЛАТА, РЕКОА НА ПРОТЕСТОТ ВО ЗК „ПЕЛАГОНИЈА“Вработените во ЗК „Пелагонија“ најавија дека в среда ќе стапат во општ штрајк ако до тогаш не им се исплатат долговите (Фото: СДК.МК)

    Вработените во земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ на денешниот мирен протест се пожалија дека работат 12 до 14 часа на ден, а до 1 февруари не им се исплатени дел од ноемвриската и целите декемвриска и јануарска плата. Тие побараа итна исплата, во спротивно, се заканија дека в среда ќе стапат во генерален штрајк.

    „Ова е предупредувачки протест за газдите да знаат дека им даваме рок до среда. Ако до тогаш не нѐ исплатат, ќе стапиме во вистински штрајк. Тоа значи непочитување на работните обврски, вработените нема да ги молзат кравите на фармите, нема да ја хранат стоката, а ќе запре и производството на струја во централите“, рече Менде Милевски, новоизбран претседател на синдикатот во ЗК „Пелагонија“.

    Се пожалија и дека три години немаат земено К-15, а не им даваат ни општествена исхрана.

    „Не ни даваат општествена исхрана, а нѐ тераат да работиме по 12 или 14 часа. Зарем да јадеме на отворен простор на плус или минус 40 степени? Ние овде во просек сме по 60 години, не сме деца да си играат со нас. Инаку, годинава имаше многу големо производство. Од 12.000 до 14.000 хектари посеани со пченка, 10 тони просек по хектар, тоа е многу голема количина и да немало пари за вработените. Нека дојдат газдите да кажат што се случува“, рече работникот Димче Срџански.

    Иако не зеле плати, до денес немаше застој во работните организации на ЗК „Пелагонија“. Работниците кои денеска излегоа да протестираат заедно со новинарските екипи дојдоа до управната зграда на комбинатот и побараа претставниците на менаџментот да излезат надвор и да им кажат што ќе се случува.

    Павле Цветановски, финансов директор, рече дека на околу 500 работници денеска ќе им се исплатат дел од ноемвриската и целата декемвриска плата.

    „Со сигурност можам да кажам дека влеговме во склучување договор со сите банки и доверители. Вчера тие пристапија кон деблокада на сметките и денеска комплетно ќе биде завршена работата и платата ќе биде исплатена. Ќе остане само една третина за ноември, што за релативно брзо време ќе биде исплатена“, рече Цветановски.

    ,,Пелагонија” беше земјоделски гигант и обезбедуваше храна за голем дел од Македонија и платите никогаш не доцнеа. Во 2011 година, комбинатот го купи Орце Канчев и сега компанијата се соочува со долгови. Според Македонска берза, „Пелагонија“ најголем кредит има земено од Стопанска банка Скопје, во износ од 10 милиони евра, па од НЛБ – 8,3, Стопанска банка Битола – 3,2, Комерцијална банка – 1,5, како и кредит од „Орка холдинг“ од 3,4 милиони евра.

    Пред два месеца, Орце Камчев и Цветан Панделески, член на бордот на директори, беа притворени во случајот на СЈО, „Империја“.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира