РАБОТНИКОТ КОЈ ПОЧИНА ВО БИТОЛА ПАДНАЛ ОД СКЕЛЕ ПОНИСКО ОД 2 МЕТРИ, ЌЕ СЕ ИСПИТУВА ДАЛИ МЕСТОТО БИЛО ОБЕЗБЕДЕНО

    РАБОТНИКОТ КОЈ ПОЧИНА ВО БИТОЛА ПАДНАЛ ОД СКЕЛЕ ПОНИСКО ОД 2 МЕТРИ, ЌЕ СЕ ИСПИТУВА ДАЛИ МЕСТОТО БИЛО ОБЕЗБЕДЕНООчевидци велат дека работникот изгубил рамнотежа и паднал на бетонска подлога (Фото: СДК.МК)

    Работникот кој вчера почина при изградба на стадионот „Под Тумбе Кафе“ во Битола паднал од скеле високо еден метар и 90 сантиметри, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Очевидци велат дека скелето не било многу високо, туку падот бил незгоден. 58-годишниот Д. Д. од битолското село Црнобуки, според битолската полиција, починал вчера околу пладне откако изгубил рамнотежа и паднал на бетонска подлога. Тој бил пренесен во Клиничката болница во Битола, каде му биле констатирани тешки телесни повреди, па бил префрлен во болница во Скопје, кадешто починал.

    На местото на несреќата бил извршен увид од СВР Битола во присуство на трудов инспектор. Во изјавите што ги дале за надлежните, работници рекле дека Д. Д. носел заштитна опрема, како и останатите градежници кај стадионот. За време на несреќата се вршело бетонирање, а работникот бил на скеле високо само еден метар и 90 сантиметри и широко околу еден метар, што било доволно за да може тој да се движи по него. Очевидци велат дека се случувало работници да паднат и од поголема висина, но да преживеат.

    Надлежните служби ќе истражуваат дали скелето било обезбедено со ограда, дали просторот околу него бил заштитен, дали врз работниците бил направен редовен лекарски преглед и други детали, за да се утврдат причините за несреќата.

    Интензивно се работи на изградба на северната трибина на стадионот „Под Тумбе Кафе“ и треба да биде готова до крајот на оваа година. За годинава се обезбедени 2,5 милиони евра за градежните работи, па битолчани до следната година треба да добијат комплетно опремена трибина за 4.500 гледачи.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира