РАДОВИШАНИ ЗАСАДИЈА 6.000 САДНИЦИ НАД ГРАДОТ ОБЕЗБЕДЕНИ ОД ГРАЃАНСКОТО ЗДРУЖЕНИЕ „ТРИБЕНКС“

    РАДОВИШАНИ ЗАСАДИЈА 6.000 САДНИЦИ НАД ГРАДОТ ОБЕЗБЕДЕНИ ОД ГРАЃАНСКОТО ЗДРУЖЕНИЕ „ТРИБЕНКС“Потегот на кој што се садеше се наоѓа на патот кон Плачковица која последниве години е мета на дрвокрадци (Фото: СДК.МК)

    Шест илјади садници багрем, аризонски чемпрес и бел бор беа засадени во акцијата што ја организираше здружението Трибенкс од Радовиш, а во која учествуваа ученици, граѓани и претставници на повеќе институции. Во акцијата што се реализираше изминативе три дена беа посадени и околу 40 килограми желад, односно дабово семе. Се садеше на површина од околу три хектари над Радовиш кон планината Плачковица, која ја подготови ЈП Македонски шуми“, а садниците беа обезбедени од Трибенкс.

    „Ние сме организација со самофинансирачки активности и добиваме провизија од неколку платформи за патување доколку резервациите одат преку веб-страницата на здружението. Парите што ги добиваме ги насочуваме кон заштита на животната средина. Лично сме задоволни од акцијата во Радовиш и колку граѓани се вклучија. Пошумена е голема површина и се надеваме дека потегот Калузлиска за неколку години ќе биде озеленет“, вели Михаил Стевчев од Трибенкс.

    Ова здружение функционира околу три години. За две години имаат посадено околу 6.000 дрвца кај езерото Младост кај Велес, Водно, Охрид и во радовишките населени места Подареш и Калуѓерица. Главна цел им е годишно да садат по 10.000 дрвца.

    „Засадено дрвце е инвестиција во зелена иднина. Токму ова е нашето мото како здружение, но и на акцијата што ја реализиравме во Радовиш. Сакаме да ги едуцираме учениците и младите како да се садат дрвца и како да се грижат за нив за да имаме почист воздух и да дадеме свој придонес против глобалното затоплување“, вели Стевчев.

    Потегот на кој што се садеше во Радовиш се наоѓа на патот кон планината Плачковица која последниве години е мета на дрвокрадци, а радовишани постојано реагираа и бараа од надлежните да се зајакнат контролите.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира