Ракот на црниот дроб бележи пораст во Македонија и токму тој, според светската статистика, се искачи на третото место по причината за смртност кај пациентите со малигни заболувања. Во дури 60% случаи, тој е предизвикан од хепатит Б и Ц. Загрижувачките податоци за оваа болест беа презентирани од страна на „Хепар центарот“ од Битола, кој денеска, заедно со други партнери, ја започна едномесечната кампања по повод Светскиот ден за борба против хепатитот.
„Најновите податоци покажуваат драстично зголемување во светски рамки во 2020 година, а тоа е дека има 300.000 нови случаи на хепатит, од кои најмногу во Средна и Источна Европа. И Македонија влегува во таа група, но се уште немаме официјална бројка заболени со хепатит за 2020. Бројките пред 2020 кажуваа дека околу 20.000 луѓе во земјава имаат хроничен хепатит Б или Ц“, рече Милан Мишковиќ од „Хепар центарот“.
Хепатитот, дебелината и алкохолот спаѓаат во таканаречената фамозна тројка на фактори предизвикувачи на црнодробниот рак. Помалку од 900.000 луѓе во светот починаа лани од овој тип на рак.
Во Македонија, покрај Инфективната клиника, најсовремената терапија за третман на хепатит има во Клиниката за гастроентерохепатологија во Скопје.
„Важно е да се работи на превентивата и раната детекција и да се даде можност на сите од возрасната популација барем еднаш годишно да прават контрола. Се преговара со Министерството и Фондот за здравство да се овозможи центар наменет за заштита на црниот дроб. Се надеваме дека во октомври, голем број граѓани ќе можат да направат проверка на својата состојба“, рече Мишковиќ.
Одбележувањето на Светскиот ден на борба против хепатитот започна во Битола, каде што денеска се правеа бесплатни тестови за хепатит Б и Ц, ХИВ, брзи антигени тестови за ковид-19 и за антитела.
Ж. ЗДРАВКОВСКА