Дел од новиот асфалт на улицата Стив Наумов во Битола, за која од Општината во април најавија дека реконструкцијата е во завршна фаза, деновиве беше раскопан и повторно преасфалтиран. Од Општина Битола велат дека се работи за констатирана неквалитетна изработка.
„Проектот за реконструкција на улица не е завршен и уште е во фаза на реализација. Кај крстосниците на улиците Стив Наумов со Пецо Божиновски и Христо Ботев, констатирана е неквалитетна изработка. Истите не се примени од надзорен инженер, а согласно тоа не се исплатени ниту средства од Општината кон изведувачот. Преасфалтирањето го врши изведувачот на сопствен трошок, како и во сите случаи каде била или е констатирана неквалитетна изградба“, соопштија од Општина Битола.
Реконструкцијата на улицата се одвиваше во должина од 2.200 метри, со комплетна замена на водоводната и канализационата мрежа, за што Општина Битола инвестира 51.218.181 денари (839.000 евра).
Пред овој случај имаше и други каде се јавија проблеми во изведбата на штотуку асфалтирани улици, па мораа да се копаат и преасфалтираат. Таков беше случајот со улицата Бурса каде во мај годинава распука асфалтот поставен пред неполн месец. Беше констатирана и соголена арматура на мостот на реката Драгор на улицата Довлеџик две и пол години по реконструкцијата. Асфалтот се деформираше и од новиот кружен тек кај поранешната Ветеринарна станица во Битола на само два месеци откако беше поставен.
Оштетувањата беа санирани на трошок на изведувачите. За улицата Бурса од Општината најавија дека се вршат и лабораториски испитувања на вградениот асфалт, чија анализа треба да покаже дали се исполнети потребните критериуми, имајќи го предвид дека низ улицата треба да сообраќаат и тешки товарни возила.
Ж.ЗДРАВКОВСКА