РАСКОПАНИ И ПОЛНИ СО КАМЕЊА СЕ ДЕЛОВИ ОД ЗЕМЈЕНИОТ ПАТ ЗА АНТЕНА И ПЕЛИСТЕРСКИТЕ ОЧИ

    РАСКОПАНИ И ПОЛНИ СО КАМЕЊА СЕ ДЕЛОВИ ОД ЗЕМЈЕНИОТ ПАТ ЗА АНТЕНА И ПЕЛИСТЕРСКИТЕ ОЧИПлaнинарите велат дека патот е раскопан од возила, пред сè џипови кои превезуваат патници, а и мотори и четирицикли. (Фото: СДК.МК)

    Земјениот пат, што од Инфоценатрот на Пелистер, преку Пали Снопје и порнашениот дом Ловечка води до Антена, Големо и Мало Езеро, е во лоша состојба зашто делови се раскопани и полни со камења. Ова го отежнува движењето на пешаците и велосипедистите по овој пат кој е еден од најкористените што водат до познатите тустистички атракции на планината.

    Плaнинарите велат дека патот е раскопан од возила, пред сè џипови кои превезуваат патници, најчесто во туристички цели, а во последно време зачестени беа и мотори и четирицикли. Од Националниот парк, за да се намали протокот на возила, а да се овозможи заштита на животна средина, на влезот од патот поставија рампа, па им наплатуваат на возилата по 1.200 денари. Нема објаснување зошто не се одржува и не се чисти патот од камења.

    „На делници од патот мора да бидите многу внимателни затоа што одвај се гази од камења. Ако возите велосипед треба да го туркате. Поради ова се продолжува времетраењето на планинарските искачувања, се намалува брзината кај пешаците, а велосипедистите се откажуваат од оваа тура. Пелистер е гранитна планина, па камењата беа составен дел од патот, но со возилата се ископаа, издробија и претставуваат проблем и опасност од повреди за минувачите. Потребно е со механизација да се отстранат дел од камењата“, велат битолски планинари и велосипедисти.

    Битолчани паметат дека пред четириесетина години со лесни возила се искачувале до врвот Антена, но со сегашната состојба на патот тоа е возможно само со џип, четирицикли и мотори.

    „Планината има камењари, ама патот не е камењар. Овој е наменет и за рекреативци. Во странство ваквите патишта се чистат со механизација да нема камења до овој степен“, велат планинарите.

    Од Националниот парк „Пелистер“ велат дека патот е во заштитениот дел од планината. За да се намали протокот на возила, да се заштити патот, а и да се има евиденција кој се движи низ него, поставиле рампа. Сега им се наплатува 1.200 денари на возила, а по 300 на мотор за што посетителите добиваат фискална сметка. Објаснуваат дека за ова имаат дозвола од ресорното министерство. Додаваат дека таму претежно возат возила кои вршат превоз за туристички цели. Од пешаци и велосипедисти не се наплатува патарина.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира