Осум граѓани на Куманово, меѓу кои и четири ученици, се повредени откако ги искасало расно куче на улица во центарот на Куманово. Кучето прво нападнало тројца ученици од Основното училиште „Крсте Мисирков“ додека биле на голем одмор, а потоа и останатите луѓе кои му наишле на патот.
„Стоев пред пекарата кога кучето дотрча и ме касна за бутината. Не го видов и не го очекував, јас сум најмногу повреден, другите успеаа да избегаат и имаат помали повреди. Кучето дојде од зад грб, не беше провоцирано да нè нападне“, рече еден од учениците.
Нападнатите добиле повреди на нозете, колкот, грбот, стомакот.
Очевидците тврдат дека децата од кучето ги одбраниле вработени во ЈП „Чистота и зеленило“, кои ја метеле улицата во моментот, па бргу реагирале и успеале да го избркаат кучето и да спречат да се случи поголема беља.
Од Ургентниот центар на Кумановската болница велат дека до 11 часот лекарска помош пружиле на 8 пациенти, а дали оваа бројка ќе биде конечна не знаат.
„Кај нас се примени 8 пациенти, кои се добиле лесни телесни повреди од напад на куче“, вели д-р Радомир Гелевски, началник на Хируршкото одделение во Кумановската болница.
По дојава од граѓаните, екипа од Ветеринарниот центар „Тодор Велков“ по налог на Инспекциските служби на Општина Куманово и во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство околу пладне го залови кучето, за кое велат дека не е улично.
„Кучето е брзо заловено. Се работи за големо расно куче од расата азијат тешко 72 килограми , со пресечени уши и опашка. Станува збор за чувано куче, кое можеби е подготвувано за борби, а му побегнало на сопственикот. Не беше агресивно додека го заловивме“, велат инспекторите.
Кучето немало ременче, ниту е евидентирано во системот за да се утврди кој го чувал.
Куманово врие од улични кучиња, и речиси секојдневно има по некој нападнат, поради тоа граѓаните бараат од надлежните да најдат решение за проблемот за да можат безбедно да се движат по улиците.
СВР Куманово потврди дека кај нив се пријавени напади од куче и работат на наоѓање на сопственикот.
С. НИКОЛИЌ