Општина Велес го распиша тендерот вреден 750.000 евра за изведувач на уредувањето на центарот на градот. Овој проект предвидува улицата 8 Септември од Сармаале до споменикот Коњаник да биде затворена за сообраќај за градот да добие пешачка зона, улицата Архиепископ Михаил да биде еднонасочна, а Гоце Делчев двонасочна, кружен тек на крстосницата на улиците 8 Септември, Архиепископ Михаил и Гоце Делчев, како и обнова на постојниот кружен тек во центарот.
„Со проектот се предвидува изградба на два кружни тека, реконструкција на централната улица 8 Септември, изградба на атмосферска канализација и поставување на енергетски ефикасно улично осветлување. Вредноста на овој проект е околу 750.000 евра“, соопштија од Општина Велес.
Велес е еден од малкуте градови во земјава, ако не и единствен од поголемите, кој нема пешачка зона во центарот. Тендерот се објавува во рамките на проектот „Паметни решенија Велес – продолжуваме“ и е финансиран од ИПА фондовите на ЕУ.
П. ПЕЧКОВ