Министерството за транспорт и врски го распиша тендерот за набавка на нови електрични автобуси и станици за нивно полнење. Наместо 120 ќе се купат 150 автобуси, од кои 100 ќе бидат за Град Скопје, а останатите 50 за другите градови.
Според техничката спецификација во огласот објавен на страната на Бирото за јавни набавки, проценетата вредност е 51 милион евра. Автобусите треба да бидат црвена или бела боја, да имаат најмалку 33 седишта и капацитет за најмалку 66 патници. Ќе се набават и 75 станици за полнење на автобусите со момќност од најмалку 120 киловати за едно приклучно место на станицата за полнење.
Краен рок за доставување на понудите е 30 март.
Ова е втор тендер на Владата за набавка на нови електрични автобуси откако првиот објавен во јуни пропадна, затоа што единствената фирма која се пријавила не ги исполнувала потребните услови.
- ДНЕВНО СЕ ИСПРАВНИ 185 И ВОЗАТ САМО 157 АВТОБУСИ ОД ВКУПНО 341 НА ЈСП „СКОПЈЕ“
- НОВИ АВТОБУСИ НЕМА, ГРАД СКОПЈЕ ЈА ЧЕКА НАБАВКАТА ОД ВЛАДАТА, А ТЕНДЕРОТ УШТЕ НЕ Е РАСПИШАН
-
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски во својата изборна кампања ветуваше дека до март на улиците ќе има нови автобуси, со што ќе се реши хаосот со јавниот превоз во градот. Но, автобуси нема и јавниот превоз е нередовен, автобус се чека и по 40 минути.
„Март месец беше термин споменат од владини претставници во минатото, кој што јас го повторив во јавноста. Имајќи ја во превид вклученоста и на претседателот на Владата Христијан Мицкоски во овој процес, јас сум убеден дека оваа година ќе стигнат нови автобуси. Дали ќе стигнат сите 100 автобуси не сум убеден сигурен во тоа, но дека ќе стигнат возила кои сериозно и драматично ќе ја подобрат ситуацијата, ќе стигнат“, рече Ѓорѓиевски гостувајќи на телевизија Сител на 25 февруари.
Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) покажа дека ЈСП „Скопје“ има вкупно 341 автобус, од кои дневно се исправни 185, а во работа се пуштаат само по 157 автобуси дневно. Само за десет години, бројот на превезени патници со автобусите на ЈСП „Скопје“ е намален за 30 милиони годишно, односно во 2015 се возеле 52 милиони патници, сега само 22 милиони.
А. АНТЕВСКА



