РАЦИН Е МАКЕДОНСКИОТ БЕРТОЛТ БРЕХТ, КАЖА ВЕНКО АНДОНОВСКИ ВО НЕГОВАТА БЕСЕДА ЗА ПОЕТОТ

    РАЦИН Е МАКЕДОНСКИОТ БЕРТОЛТ БРЕХТ, КАЖА ВЕНКО АНДОНОВСКИ ВО НЕГОВАТА БЕСЕДА ЗА ПОЕТОТАндоновски кажа дека љубовните писма и недопишаниот роман на Рацин се пример за создавање на соодветен книжевен жанр кој го немало во Македонија во 19. век. (Фото: СДК.МК)

    За големите луѓе и малку зборови се многу, за малите луѓе и многу зборови се малку, кажа Венко Андоновски во инспиративната беседа за Кочо Рацин на 62 Рацинови средби во Велес. Таа траеше 20 минути, а аплаузот потоа долго одекнуваше во салата на Велешкиот театар. Тој призна дека ретко му се случува кај некои писатели при секое читање да открива нови моменти. Таков бил случајот со Достоевски и Кафка, но и со Рацин. Подготвувајќи се за тритомникот за Рацин, читајќи ја неговата поезија, Андоновски сфатил дека Македонците се мајстори да се самопремолчат.

    Мораме да кажеме дека Рацин е македонскиот Бертолт Брехт, зошто се срамиме од тоа. Рацин допрва ќе се чита, го читавме во тесни македонски рамки и бевме збунети. Кога ќе го поставиме во европски контекст, сфаќаме дека во Рацин имаме непозната планета, човек кој ја бара смислата. Како да се плашиме да сфатиме дека имаме светска величина. Неговата поезија е премногу стеснета на социјална лирика, аргати, експлоатација, што и е така. Но, тој е многу поширок во бунтот. Неговиот бунт што човек на човека му ја пие крвта не е бунт само против сиромаштијата и екслоатацијата. Неговиот бунт е поради тоа што светот молчи пред неправди и ужаси, светот легализира општество каде човек на човека му ја пие крвта. Рацин се бунтува за светот кој молчи“, рече Венко Андоновски.

    Тој го посочи примерот со љубовните писма и недопишаниот роман на Рацин како пример за создавање соодветен книжевен жанр кој го немало во Македонија во 19. век, кога бил присутен на Балканот.

    Неговите љубовни писма до Раца се надомест за нешто што го немавме во 19. век, а требаше да го имаме. Тоа е љубовната романтичарска лирика. Дописните картички за Раца вријат од романтичарска лирика и тука го гледам тоа надополнување на таа празна врата од 19. век. Рацин пробал да напише роман, затоа што и тоа не сме го имале во 19. век, а сите регуларни книжевности го имале. Рацин е и авангарден оти ја бара смислата во тогаш актуелните програми за преобразба на светот, а секој поет бара подобар свет, барем вербализирано. Смислата на тој свет не е само да победи комунизмот, туку човечкото во човекот. И да дојде праведен систем, но ако не сме одвнатре луѓе, тој систем повторно ќе создаде лош свет против кој повторно ќе се буниме. Ми се чини како Рацин да е жив, како ноќе да ги допишува своите дела“, кажа Андоновски.

    Рациновите средби продолжуваат денеска со промоцијата на тритомното издание „Рацин“. Автори се Венко Андоновски (за поезијата на Рацин), проф. д-р Искра Тасевска-Бошкова (за прозата и публицистиката на Рацин) и проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска (за живописот на Рацин). Промотор ќе биде академик Катица Ќулавкова, која е и главен стручен редактор.

    Во амфитеатарот на Младинскиот парк од 20:30 часот ќе се одржува меѓународниот поетски митинг со 15 учесници од Албанија, Бугарија, Србија и Македонија. По него ќе биде врачено почесното Рациново признание на проф. д-р Намита Субиото од ловенија, вонредна професорка по македонски јазик и книжевност на Филозофскиот факултет во Љубљана. Таа ќе го добие признанието за ширење на македонските литература и култура во странство.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира