Различни субјекти од Македонија се дел од истрагите што ги води Европската служба против измами (ОЛАФ) за злоупотреби на средстава од европските фондови во земјава, рече евроамбасадорот Дејвид Гир денес во Битола. Тој потврди дека од 36 истраги на Западен Балкан, дури 18 се однесуваат на злоупотреба на европските фондовите во Македонија,
„Ова покажува колку сериозно ЕУ пристапува и го проверува начинот на кој парите од европските даночни обврзници се трошат во оваа земја. ОЛАФ е сериозно тело кое спроведува истраги. Јас ја потврдувам таа бројка, но не можам да навлегувам, нити ги знам деталите во истрагите што е направено. Но, можам да потврдам дека има различен контекст на структури поврзани со тие случаи, различни субјекти кои се дел од тие истраги“, рече Гир.
Тој додаде дека во случај тие истраги да утврдат сопмнеж за криминални активности, случаите ќе се проследат до Јавното обвинителство во земјава, а ЕУ ќе очекува од е од Јавниот обвинител да преземе навремени активности кои тие одблизу ќе ги следат.
„Луѓето кои ги злоупотребуваат парите на европските даночни обврзници, ги злоупотребуваат и граѓаните на оваа земја“, додаде Гир кој во Битола промовираше проект за чист воздух.
Ж. ЗДРАВКОВСКА