Министерството за внатрешни работи денеска донесе одлука за разрешување на седум началници од Секторот за внатрешни работи (СВР) Штип и од Одделението за внатрешни работи (ОВР) Кочани. Со оваа одлука на министерот Панче Тошковски, разрешени се началникот на СВР Штип и неговиот помошник, потоа началникот на Одделението за полиција во Штип и началникот на Одделението за криминалистичка полиција во Штип.
Покрај началниците и неговиот помошник во ОВР Кочани, разрешени се командирот на Полициската станица од општа надлежност во Кочани и началникот на надворешна канцеларија за криминалистички работи во Кочани.
Разрешувањата се два дена по катастрофалниот пожар во импровизираната дискотека „Пулс“ на 16 март, во која загинаа 59 лица главно од 14 до 25 години. Над 150 се повредени, од кои 76 се испратени на лекување во странство.
Судија на претходна постапка од Основниот суд Кочани до 4 часот утринава, одобрил 48-часовен притвор на 16 лица како осомничени во предистрагата за катастрофалниот пожар
Овие притвори истекуваат утре. Обвинителите може да бараат уште по еднаш по 48 часа притвор за секој од овие осомничени за обезбедување на нивно присуство дури се собираат доказите, а потоа може да се бараат по 30-дневни притвори за секој осомничен за кој обвинителите сметаат дека треба да побараат. Во притвор покрај ексминистерот за економија Крешник Бектеши и службеници од Министерството, се и ексдиректорот на Државниот пазарен инспекторат, вработени оттаму, сопственикот, односно организаторот на концертот на ДНК, членови на обезбедувањето и други.
Нема уапсени и притворени актуелни функционери, градоначалникот Љупчо Папазов откако дал изјава пред обвинител, си заминал дома.
Т. ЈОВАНОВСКИ