РАЗРЕШЕНИОТ СТРУМИЧКИ СВЕШТЕНИК ЧУВАЛ ПИШТОЛ ВО ЦРКВАТА ВО КОЈА СЛУЖЕЛ, КАЖА ЕПИСКОПОТ ЈАКОВ

    РАЗРЕШЕНИОТ СТРУМИЧКИ СВЕШТЕНИК ЧУВАЛ ПИШТОЛ ВО ЦРКВАТА ВО КОЈА СЛУЖЕЛ, КАЖА ЕПИСКОПОТ ЈАКОВЕпископот Јаков откри дека Милчев при ревизијата на неговото работење во Црквата „Св. Григориј Палама и Димитриј“ со која раководел цели 20 години во касата биле пронајдени само 106 денари и пиштол за кој имал дозвола. - Свештеникот Боро Милчев во 2016 во дијаспора (Фото: СДК.МК)

    Свештеникот Боро Милчев од Струмица не е разрешен поради едицијата од 12 книги за македонските светители, ниту пак имал закани од Струмичката епархија, туку поради неговото нецрковно и неканонско однесување. Ова денеска на прес-конференција го кажа епископот стобиски Јаков од Струмичката епархија, која пред два дена му забрани на Милчев да врши свештенска дејност поради непочитување на парохиска одлука, градење црква на диво и венчавање по приватни домови за пари.

    Епископот Јаков откри дека Милчев при ревизијата на неговото работење во Црквата „Св. Димитрије Палама“ со која раководел цели 20 години во касата биле пронајдени само 106 денари и пиштол за кој имал дозвола.

    „Милчев се служи со лаги. Сите добро го знаат каков манипулант е. Ова не го кажувам туку така, туку со аргументи оти имаме покрената морална, матeријална и канонска одговорност против овој човек. Нема да дозволиме сакајќи да се извлече од одговорноста да бега, јавајќи на коњот на квазипатриотизмот. Зошто не зборуваше за било какви притисоци од наша страна кога имавме ревизија на храмот ‘Св. Димитриј’ кога бевме вербално и физички нападнати, па мораше да интервенира и полицијата. За состојбата што затекнавме таму имаме и официјален записник. Во касата во една од најпосетуваните цркви во Струмица најдовме само 106 денари и пиштол . Прашувам што ќе му е пиштол на свештено лице и да го држи во црковен храм . Пиштолот си го зеде оти си имаше дозвола, а нам ни остави само 106 денари“, рече Јаков кој побара од УЈП да истражи како ова свештено лице го стекнал имотот.

    Свештеникот Милчев завчера рече дека забрана добил оти не се согласувал со притисоците во едицијата што ја пишува светителите да ги именува словенски, а не македонски, што за Епископот Јаков е ноторна лага бидејќи сите книги биле во издаваштво на Струмичката епархија со исклучок на последните две каде авторските права си ги задржал лично свештеникот.

    „Ние не му вршевме притисок за издадените житија. Тие се издадени од јануари до октомври лани токму од струмичката епархија со благослов на митрополитот струмички г. Наум, освен за последните две за кои авторските права се на Боро Милчев. Од продадените житија нема пријавено ниту денар приход а за нивна издавање собираше донации од струмички фирми“, рече Јаков.

    Свештеникот Милчев не беше достапен да одговори на обвинувањата од врвот на струмичката епархија, дека при ревизија на неговото работење во касата на црквата во која со години служел чувал пиштол.

    В. ТРАЈКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари