ПОП ОД СТРУМИЦА БЕЗ ДОЗВОЛА ГРАДЕЛ ЦРКВА КАЈ СМОЛАРСКИ ВОДОПАДИ И ВЕНЧАВАЛ ПО ДОМА ЗА ВРЕМЕ НА ВЕЛИГДЕНСКИОТ ПОСТ

    ПОП ОД СТРУМИЦА БЕЗ ДОЗВОЛА ГРАДЕЛ ЦРКВА КАЈ СМОЛАРСКИ ВОДОПАДИ И ВЕНЧАВАЛ ПО ДОМА ЗА ВРЕМЕ НА ВЕЛИГДЕНСКИОТ ПОСТОтец Боро за црквата што ја гради кај Смоларе тврди дека ќе се вклопи во урбанистичките планови на Општината за која веќе имал добиено дел од документите за нејзина изградба, а од Општина Ново Село велат дека е дивоградба. (Фото: СДК.МК)

    Струмичката епархија при Македонската православна црква – Охридска Архипеископија (МПЦ-ОА) донесе одлука со која му се изрекува забрана да врши свештенодејствие на отец Боро Милчев, против кого ќе биде покрената и дисциплинска одговорност пред Епархискиот црковен суд на Струмичката православна епархија. Свештеникот, како што е наведено во одлуката, не го почитувал редот и уредбите на парохиската дејност при Уставот на МПЦ-ОА и спротивно од каноните си градел нелегално црква на државен имот.

    Свештеникот Милчев, како што се наведува во одлуката, лани летото одбил наредба на надлежниот архиреј за преместување во друга парохија. Во меѓувреме, како што стои во соопштението од Струмичката епархија, почнал градба на црковен храм во непосредна близина на својот имот кај Смоларе, каде имал приватен бизнис, без никакво одобрување или знаење на митрополитот струмички господин Наум. За црквата што ја градел немал никаква дозвола, како од црковните власти така и од Општина Ново Село.

    Паралелно, свештеникот вршел неканонски венчавки по приватни домови во првата недела од Великиот пост.

    „Го известуваме верниот народ на МПЦ-ОА кој живее во Струмичката Православна Епархија, дека на погоренаведениот свештеник му е изречена забрана за свештенодејство сѐ додека не се покае и не се врати во послушание на Црквата и не ја прифати одлуката со која е назначен на парохијата која ги опфаќа селата Дукатино и Радичево, и каде што единствено има благослов да делува како свештеник. На крајот, наша должност е да ве известиме дека овој човек, иако носи свештеничка облека, не доаѓа во име на Црквата, и не го носи благословот Божји, туку напротив ја разградува Црквата и го соблазнува верниот народ, за срам на Црквата, а на штета на својата сопствена душа и лично спасение“, се вели во соопштението од Струмичката епархија.

    Свештеникот Боро Милчев ги отфрли ваквите обвинувања, истакнувајќи дека сѐ што било наведено во одлуката било невистина. Кажа дека бил под закани неколку години откако ги објавил 12 тома за македонските светители. Според него, токму ова едиција, била причината за несогласувањата со Струмичката епархија, во која светителите се именуваат како македонски и некому тоа му пречело. За црквата што ја градел кај Смоларе тврди дека ќе се вклопи во урбанистичките планови на Општината за која веќе имал добиено дел од документите за нејзина изградба.

    „За параклисот што го градам кај Смоларе имам добиено дел од документите за градба, а за останатиот дел, постапката е во процедура и се надевам дека ќе ги добиеме оти станува збор за верски објкет. Во однос на венчавањето, никаде не постои забрана каде сѐ можам да вршам венчавање оти нашата мисија е да го шириме христијанството“, ни изјави поп Боро Милчев.

    Од Општина Ново Село велат дека црквата што се гради на државно земјиште кај населеното место Смоларе во непосредна близина на водопадите е дивоградба и во тек е постапка за нејзино рушење. Биле известени сите одговорни институции кои веќе излегле на терен, бидејќи станува збор за објект на државно земјиште.

    „Со оглед дека објектот се гради на државно земјиште и се коси со законската регулатива, го известивме Основното јавно обвинителство во Струмица. Му укажавме на свештеникот дека не смее да гради на таа локација оти ќе се смета за дивоградба, но не наидовме на разбирање. Од наша страна, покрената е постапка и чекаме да се изјасни Јавното обвинителство “, ни изјави градоначалникот на Ново Село Никола Андонов.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира