РЕЧИСИ ПОЛА ОД ВОДАТА ЗА ПИЕЊЕ ВО ТЕТОВО СЕ ГУБИ ПРЕКУ НЕКВАЛИТЕТНИ ЦЕВКИ И ДИВИ ПРИКЛУЧОЦИ

    РЕЧИСИ ПОЛА ОД ВОДАТА ЗА ПИЕЊЕ ВО ТЕТОВО СЕ ГУБИ ПРЕКУ НЕКВАЛИТЕТНИ ЦЕВКИ И ДИВИ ПРИКЛУЧОЦИСпоред сознанијата на ЈКП Тетово, најмногу вода се губи преку деловите од водоводната мрежа каде има стари цевки и во делови од градот каде се инсталирани неквалитетни водоводни цевки. (Фото: СДК.МК)

    Тетово долги години има проблеми со снабдувањето со вода за пиење иако градот се наоѓа под Шар Планина, една од планините која изобилува со вода. Со пуштањето на новиот водовод, кој водата ја зафаќа од горниот тек на реката Пена, водоснабдувањето во градот далеку е подобрено и се укинати повеќечасовните рестрикции но, прашањето со снабдувањето со вода за пиење уште не е целосно решено. Проблем кој исто така долги децении е присутен е губењето на водата во водоводната мрежа.

    „Пред 2015 година имавме оперативен губиток на вода од водоводниот систем во висина од околу 56 проценти. Тоа беше навистина многу. После 2015 година поставивме 2 регулатори на притисок со кои се создадоа услови за регулирање на притисокот во водоводниот систем. Оваа интервенција се покажа како многу успешна и добивме огромно намалување на губитоците на водата за пиење од водоводниот систем а исто така значително ни се намали и бројот на дефектите во мрежата. Губитоците се намалија за околу 12 проценти, па сега оперативни губитоци на вода се движат некаде помеѓу 45 и 46 проценти“, вели Љуљзим Шаќири раководител на секцијата водотехничка лабораторија за водоснабдување на ЈКП Тетово.

    Причините за загубата на водата во водоводниот систем се многубројни и тоа се проблеми кои се наталожувале со години на ред. Според сознанијата на ЈКП најмногу вода се губи преку деловите од водоводната мрежа каде има стари цевки и во делови од градот каде се инсталирани неквалитетни водоводни цевки.

    „Има повеќе причини за загубата на водата а на тоа најмногу влијае старата и дотраена водоводна мрежа. Исто така во некои делови од градот во минатото се поставувале крајно неквалитетни пластични цевки кои не можат да го издржат високиот притисокот на водата во мрежата и тие многу често пукаат. Јас мислам дека неквалитетните цевки се една од главните причини за големите загуби на водата за пиење. Во поново време поставени се нови стандарди за квалитет на водоводните цевки па веќе ги немаме веќе тие проблеми, барем кај новоизградените делови од мрежата. Во губитоците на вода еден удел имаат и дивите приклучоци. Но, навистина е тешко да се каже колку има диви приклучоци на водоводната мрежа во градот и околните места кои се под нашата водоводна мрежа. Тешко можат и да се откријат. На пример, има двор со неколку куќи, еден сопственик е легално приклучен на водоводната мрежа а другите односно соседите или најчесто роднините, на диво се приклучени на водоводната цевка која доаѓа во неговиот двор. Пристапот до приватните објекти сега законски е многу отежнат, па не можеме без судски налог да влеземе во некои куќи каде претпоставуваме дека има диви приклучоци на водоводната мрежа. За да го решиме овој проблем потребно е да се вклучат повеќе институции а не само ние комуналците“ вели Шаќири.

    Дали Тетово има големи губитоци на вода тешко е да се каже, бидејќи според информациите што ги има ЈКП, во поголемиот дел од градовите, па дури и во оние во развиените земји, има губитоци на вода кои изнесуваат приближно како овие во Тетово. Тоа посебно е карактеристично за градовите на Балканот. Но, од друга страна има и навистина добри примери каде водата за пиење се користи крајно рационално. Такви се примерите на Загреб во Хрватска и Корча во Албанија.

    „Загреб, кој е многу поголем град од Тетово се опслужува со иста количина на вода како и Тетово, што значи дека таму водата крајно рационално се користи и загубите се далеку помали отколку кај нас. Исто така многу интересен е примерот со градот Корча во Албанија. Корча е голема колку Тетово но градот се снабдува со многу помала количина на вода, има нула посто загуба на вода, и има и 100% наплата на потрошената вода. Тие инвестирале околу 100 милиони евра, ја смениле целата водоводна мрежа во градот, поставиле теледиригирани водомери кај секој потрошувач на вода и сега можат од далеку да го исклучат корисникот кој на пример крајно нерационално ја троши водата или не извршил наплата на време. И ние во ЈКП Тетово почнавме со сличен проект, но засега работата оди мошне бавно. Од околу 25.000 домаќинства, колку што имаме регистрирано, имаме кај 12.000 поставено нови водомери од кои само 1.600 се со далечинско отчитување“, вели Шаќири.

    Според податоците од ЈКП Тетово во овој момент во градскиот резервоар за вода дотокот е над 400 литри вода во секунда што е доволно за задоволување на потребите на градот и засега нема рестрикции во водоснабдувањето.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира