РЕК Битола двојно го зголеми капацитетот за производство на струја откако синоќа во 22:51 часот Блок 1 беше синхронизиран со електроенергетскиот систем на земјава, соопшти Владата.
Постројката е повторно во функција по 23 дена ремонт и заедно со Блок 2 испорачуваат електрична енергија. Ремонтот, кој обично трае барем 45 дена, е завршен во рекордно краток рок, пред сè, благодарение на вработените во РЕК Битола и на ангажманот на исклучиво домашни фирми.
Согласно Планот за производство и во непроменети околности, РЕК Битола треба да продолжи да работи со два блока до почетокот на ноември. Откако ќе биде монтиран новиот трансформатор на Блок 3, во краткотраен ремонт треба да влезе и Блок 2, со цел да се зголемат доверливоста и стабилноста на капацитетот во екот на грејната сезона.
Во соопштението пишува дека АД ЕСМ во моментов ги задоволува потребите за струја на домаќинствата и на малите потрошувачи исклучиво од домашно производство.
Ж. ЗДРАВКОВСКА