ЕК „Битола“, македонскиот енергетски стожер, веќе произведува струја по синоќешниот пожар кога од производство беа исклучени двата блока со кои работеше. Во погон е блокот 1, а истражни органи и стручни лица од РЕК испитуваат како дошло до пожарот.
Вчеравечер изби пожар во блокот 3, еден од двата блока со кои работеше комбинатот. Огнот изби во 22:50 часот на изолатор на трансформаторот на блок 3, надвор од електраната. По ова следуваше испад на третиот блок, што вон производство го повлече и првиот, па извесен период РЕК не приизведуваше струја.
Пожарот беше брзо изгаснат, немаше повредени, а РЕК веќе почна со производство на струја.
Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) соопшти дека компанијата најостро ги демантира сите шпекулации за наводно нестручно и несовесно работење и оперирање, со оглед на тоа што се работи за процес на производство со опрема стара над 40 години. За компанијата е најважно што нема повредени лица во при настанувањето на пожарот и неговото санирање.
Од ЕСМ соопштија дека со оглед на тоа што оштетувањето на трансформаторот на Блок 3 е од поголеми размери, тој одреден период нема да биде во можност да биде приклучен во производниот систем. Истовремено, Блок 2 беше во редовни сервисни активности за подготовка за работа од декември, но со оглед дека има потреба од побрзо вклучување, од следната недела и Блок 2 ќе функционира со полн капацитет. ТЕЦ Осломеј во моментот е во редовен сервис за негова подготовка за континуирано производство на електрична енергија од декември до април 2022, со 300 илјади тони набавен јаглен за кои постапката ќе финишира во следните неколку дена, соопштија од ЕСМ.
Ж. ЗДРАВКОВСКА