Енергетскиот стожер на Македонија, РЕК „Битола“, повторно не произведува струја. Од комбинатот соопштија дека поради дефект на котелот, Блок 1, за кој не постоеше никаква можност да биде саниран додека е во функција, ноќеска во три часот е исклучен од електроенергетската мрежа на државата. Тоа беше единствениот блок со кој РЕК викендов произведуваше струја. Во моментов не работи ниеден од трите блока, а од РЕК велат дека првиот блок наскоро ќе биде пуштен во производство.
„Ова е планско исклучување на Блок 1 поради скината цевка. Се очекува брза санација и враќање на блокот на мрежа денеска. Санацијата на скината цевка се смета за лесен испад на постројката. Се очекува дефектот да биде саниран до вечерните часови“, пошува во соопштението на комбинатот.
Оттаму додаваат дека се работи и на оспособување на Блок 2, кој беше во ремонт и се очекува и оваа постројка да биде на мрежа до крајот на неделава.
„Во меѓувреме, АД ЕСМ ги задоволува потребите од останатите капацитети, како и со набавената електрична енергија, како резерва при вакви куси испади“, соопштија од ЕСМ.
За три дена, ова е втор испад на блок во РЕК, со што по вторпат комбинатот остана без свое производство на струја. Во петокот имаше пожар во Блок 3, по што оваа постројка имаше прекин на работа од неколку часа, а со вклучувањето на заштитниот систем вон работа беше и првиот блок.
Ж. ЗДРАВКОВСКА