Во Битола денес има 21 позитивен од ковид-19 што е рекорд на дневна основа. Со ова градот кој досега добро се држеше во однос на бројот на заболени, денес има еднаков број новозаразени со Прилеп, кој во изминатите денови имаше и повеќе од двојно болни од Битола.
Според Центарот за јавно здравје од Битола, заболените се на возраст од 19 до 70 години, а само половината, односно 10 лица, даваат податок за контакт со позитивно лице поврзани во фамилијарни кластери, другите не даваат податоци за контакти. Со 21 новозаразен, во Битола денес беа евидентирани повеќе болни од други градови во внатрешноста кои важеа за поризични региони, како на пример Куманово со 13 новозаболени, Штип со 19, а Струмица приближно колку Битола 23.
Сепак, бројот на активни случаи во Битола е 171, и пред неа на листата се седум други градови од државата со поголем број болни кај кои болеста е уште во тек.
„Битола е на прагот на многу висок ризик од ширење на заразата. Ако Битола се наоѓаше во Словенија, уште од пред неколку денови ќе беше ставена во карантин. Останатите градови во Македонија би биле заклучени уште пред 2 недели. Имено, во Словенија автоматски ги заклучуваат сите региони кога 14-дневната кумулативна инциденца ќе надмине 140 на 100.000 жители. Планот го подготвиле со време и сега само механички постапуваат по него, без никакво размислување, повторно разгледување или политизирање“, вели редовниот професор од Техничкиот факултет во Битола д-р Дејан Трајковски, кој од појавата на коронавирусот прави секојдневни анализи брз основа на математичко-статистички анализи.
Ж. ЗДРАВКОВСКА