На 23 јуни во Скопје е регистрирана рекордна потрошувачка на вода, соопшти ЈП „Водовод и канализација“. Од таму велат дека енормно е зголемена потрошувачка на водата, особено во попладневните часови. На 23 јуни дневната потрошувачка на вода изнесувала рекордни 356.000 метри кубни, што би значело потрошувачка од 700 литри вода по глава на жител.
„Апелираме до сите граѓани на градот Скопје на совесно и рационално користење и употреба на водата. Особено да се избегнува непотребно трошење на водата за полевање на зеленило, бавчи и ниви, за перење автомобили, за полнење на базени“, велат од „Водовод и канализација“.
Од јавното претпријатие ги повикуваат граѓаните ако забележат див приклучок да го пријават на телефонскиот број 02/3073-010, [email protected] или www.vodovod-skopje.com.mk
„Со дивите приклучоци се нанесува директна штета на системот за водоснабдување и на квалитетот на водоснадбувањето до сите корисници во град Скопје“, додаваат од претпријатието.