РЕКРЕАТИВНАТА ЗОНА КРКАРДАШ НАД БИТОЛА БАВНО ЗАЗДРАВУВА ОД ПОЖАРИТЕ ВО 2007 И 2011, ЗА ЧЕТИРИ ГОДИНИ ЗАСАДЕНИ 600 НОВИ ДРВЦА

    РЕКРЕАТИВНАТА ЗОНА КРКАРДАШ НАД БИТОЛА БАВНО ЗАЗДРАВУВА ОД ПОЖАРИТЕ ВО 2007 И 2011, ЗА ЧЕТИРИ ГОДИНИ ЗАСАДЕНИ 600 НОВИ ДРВЦААкцијата за пошумување ја предводи граѓанската иницијатива „Зелен Баир“ (Фото: СДК.МК)

    Четврта година по ред, граѓанската иницијатива „Зелен Баир“ се обидува преку пошумување на рекреативната зона Кркардаш да ја врати некогашната борова шума која настрада во големите пожари во 2007 и 2011. И по скоро 15 години, некогашното белодробно крило на градот тешко заздравува од еколошката катастрофа. Оваа година, приватна компанија од Битола обезбеди 200 зимзелени садници и се вклучи во засадувањето, како и други ентузијасти собрани околу иницијативата „Зелен Баир“. Во изминатите три години местото беше обновено со 400 зимзелени садници, од кои дел успешно се фатија.

    „Заштитата на животната средина е инвестиција во иднината. Целта е да насадиме што повеќе дрвца сега околу Кркардаш, за да ги видиме резултатите по неколку години. Дрвјата не ги садиме само за себе, туку и за идните генерации“, изјавија учесниците во акцијата.

    За пожарите кои нанесоа огромна штета беа осомничени три момчиња, од кои две малолетни, кои палеле отпад. Нема информации дека некој завршил во затвор за палење на ридот.

    Во 2007 изгореа 200 хектари шума на Кркардаш, а ваква катастрофа се повтори и во 2011. Во големите пожари кои проголтаа 1.000 хектари шумска површина во Битолско имаше една жртва. Додека беснееше огнот, во ромската населба се роди и женско бебе. Ѝ дадоа име Пламенка.

    Според Светската здравствена организација, за одржување на јавното здравје на граѓаните потребно е парковско зеленило со минимална површина од девет квадратни метри по жител. Според ГУП од 1999 година, во Битола има само 4,8 квадрати парковско зеленило по жител или половина од пропишаниот минимум, покажа истражувањето на регионалното географско друштво „Геосфера“, кое го реализираше проектот „Разбудете ја екосвеста во себе“.

    Општина Битола работи на создавање парк во Нова Битола. Најави дека ќе се простира на 25.000 квадратни метри со хортикултурно и партерно уредување, спортски и детски реквизити, урбана опрема и соодветно осветлување. Општина Битола првпат создаде и зелен катастар, при што беа попишани над 6.000 дрвја и нискостеблести грмушести растенија во централното градско подрачје.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира