РЕКТОРОТ КОРУНОВСКИ ГО ПОБЕДИ ЕКСЗАМЕНИК-МИНИСТЕРОТ ЗА ОБРАЗОВАНИЕ ГЕРАМИТЧИОСКИ НА УНИВЕРЗИТЕТСКИТЕ ИЗБОРИ ВО БИТОЛА

    РЕКТОРОТ КОРУНОВСКИ ГО ПОБЕДИ ЕКСЗАМЕНИК-МИНИСТЕРОТ ЗА ОБРАЗОВАНИЕ ГЕРАМИТЧИОСКИ НА УНИВЕРЗИТЕТСКИТЕ ИЗБОРИ ВО БИТОЛАДосегашниот ректор Сашо Коруновски е реизбран за уште еден мандат. (Фото: СДК.МК)

    Сашо Коруновски, досегашниот ректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, е реизбран за уште еден мандат на изборите што се одржаа денес на 12 универзитетски членки. На изборите Коруновски освои повеќе гласови од единствениот противкандидат Тале Герамитчиоски, редовен професор на Техничкиот факултет во Битола и поранешен заменик-министер за образование (2002-2006). Изборот се спроведуваше за првпат во државата по нов модел, односно според одредена формула во која добиените гласови се множеа со бројот на сенатори во Универзитетскиот сенат.

    „На избирачкиот список на Универзитетот се запишани 270 гласачи, гласале 259 членови. Герамитчиоски освои 111 гласови, а Коруновски 136 гласови. Пресметка на овие гласови согласно бројот на сенатори во Сенатот, со формулата добиени гласови по бројот на сенатори, Герамитчиоски има освоено 14, 437 поени а Коруновски 19, 563 поени. Според овие неофицијални податоци, Коруновски треба да биде идниот ректор“, изјави професор д-р Мирослав Андоновски, претседател на Универизтетската изборна комисија.

    За време на изборите на кандидатите им беше дадена можност да постават свои набљудувачи, а тоа го искористи професорот Герамитчиоски. До попладнево не беа пријавени никакви забелешки за изборниот процес.

    Досегашниот ректор Сашо Коруновски дипломирал на Архитектонскиот факултет во Скопје, а потоа магистрирал и докторирал на историја на уметност и археологија на Универзитетот „Св Кирил и Методиј“ во Скопје. Бил професор и декан на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, а предавал и на Архитектонскиот и на Филозофскиот факултет во Скопје. Член е на многу научни тела, автор на бројни научни трудови. Пред четири години беше избран за ректор на Битолскиот универзитет.

    Досега на Универизтетот биле избрани 12 ректори, а некои и по два мандата. На „Св. Климент Охридски“ има 124 студиски програми, во учебната 2018/2019 има 5845 студенти, а од 1977 година до сега 33.394 дипломирани кадри.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира