Турската бања и Саат кулата во Дојран кои беа срушени во Првата светска војна и со децении беа во руинирани состојба, целосно се реставрирани и конзервирани и отворени за посетители.
Станува збор за два значајни културно историски објекти кои пленат со својата градба и архитектура, а беа реставрирани во рамките на проектот „Оживување на безвременските симболи на Дојран и Невестин“ од програмата за прекугранична соработка со соседна Бугарија за што ЕУ додели околу половина милион евра за двете прекугранични општини.
Двата објекта кои се наоѓаат во Стар Дојран вратени се во првобитната состојба како што биле пред Првата светска војна, а во интерес на посетителите поврзани се со пешачки патеки од калдрма во должина од околу 600 метри. Се наоѓаат во непосредна близина на природнонаучниот музеј. Саат кулата која беше срушена до два метри сега е висока 10 метри на која од сите страни има часовник. Локалитетот околу неа се уреди со урбана опрема. Паралелно заврши и конзервацијата на Турската бања која се реализираше во соработка со Заводот и Музеј Струмица.
„Саат кулата и Турската бања пленат со својата градба и имаат огромна историја. Објектите се поврзани со патеки од калдрма а се наоѓаат до Музејот каде има изложено експонати од историјата и развојот на Дојран. Нашата замисла е да ги понудиме во пакет за посета за организирани групи, вклучувајќи ја тука и фронтовата линија над Дојран од Првата светска војна. За таа цел веќе од Јануари ќе ангажираме лица во Музејот како туристички водичи кои ќе бидат задолжени за заштита и нивна промоција, но и за реализација на туристичките тури“ ни изјави градоначалникот Ангов кој потенцираше дека збогатувањето на туристичката понуда и туристичките содржини е еден од врвните приоритети на општина Дојран.
Општинските власти најавуваат и уредување на патеката до фронтовата линија од Првата светска војна над Дојран каде се бореле силите на Антантата предводени од Англичаните и Французите и Централните сили предводени од Германија, Австро-Унгарија и Бугарија во периодот од 1915 до 1918 година. Таму се наоѓа Фердинандовата чешма, воен споменик изграден од бугарската армија, а до неа се наоѓа спомен-плоча на паднатите војници од 22 англиска Дивизија и бункерите на Кала Тепе.
В. ТРАЈКОВ