На Железниот мост во Велес итно му се потребни заштита и фарбање. Тој со години е незаштитен од надворешните влијанија, па дождот и временските неприлики оставија трага на челичната конструкција. Најмалку 30 години, мостот не е допрен.
Првиот сосед Наце Алексовски, кој и самиот бил железничар, дваесетина години на негов трошок ја одржуваше пешачката патека од дрвени прагови, додека во 2011 локалната власт не постави метална.
„Има 40-ина години како не е офарбан. Се сеќавам дека толку време мина, зашто тогаш во дворот од мојата куќа ги оставаа кофите со фарба. Оттогаш не е заштитен. Пред некоја година ги сменија праговите, но конструкцијата не е допрена“, вели Алексовски.
Заедно со Градскиот саат и Спомен костурницата, Железниот мост е знаменитост на Велес. Изграден во 1922 година, кога се градела пругата Велес-Штип, мостот е симбол на градот, но е во лоша состојба, `рѓосан и оштетен. Од МЖ Инфраструктура најавуваат дека е во план да се фарба следната година. Годинава биле обновени три помали моста во земјава.
„Во програмата за идната година се предвидува фарбање на три железнички моста, меѓу кои и во Велес. Во тек е процесот на подготовка на тендер за реализација на оваа активност“, соопштија од МЖ Инфраструктура.
Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, планираше поради малиот број на композиции, мостот да се користи и за автомобили, но таа идеја кај надлежните не помина. По Железниот мост повеќе од три месеци не поминуваат возови, колку што е во прекин железничкиот сообраќај на линијата Велес-Кочани.
П. ПЕЧКОВ