РОДИТЕЛИТЕ ДА НЕ ИМ КУПУВААТ ВЕСПИ НА ДЕЦАТА ПРЕД 16 ГОДИНИ, АПЕЛИРААТ БИТОЛСКИТЕ МОТОРЏИИ

    РОДИТЕЛИТЕ ДА НЕ ИМ КУПУВААТ ВЕСПИ НА ДЕЦАТА ПРЕД 16 ГОДИНИ, АПЕЛИРААТ БИТОЛСКИТЕ МОТОРЏИИОд дефилето на битолските мото клубови низ улиците на градот. (Фото: СДК.МК)

    Со дефиле низ битолските улици, мото клубовите од градот во соработка со полицијата испратија порака до родителите да не им купуваат веспи и други мотори на децата помали од 16 години, а моторциклистите да возат со заштитна опрема и според сообраќајните правила и прописи.

    „Со нашата мала акција сакаме да укажеме за задолжителна потреба од носење на заштитна опрема, пред се’ заштитна кацига, а исто така и да упатиме апел до сите родители на малолетните деца да им купуваат веспи и други моторни возола на две тркала се’ додека не ги исполнат законските услови за управување со истото, а тоа се да имаат 16 години за управување со возило од А1 категорија, да имаат лекарско уверение, заштитна опрема и да поседуват важечки документ за управување со истото“, рече Даниел Ивановски од Здружението на моторциклисти „Ѓорги Стефановски“ од Битола.

    Од мото клубот „Конзули“ велат дека постојат 10 години, а досега на членовите не им се случиле несреќи зашто возат внимателно и со заштитна опрема.

    „На мотор без заштитна опрема не смее да се качи, посебно не без кацига. Мора да се вози по правила. За родителите најважно е да не се купува мотор пред 16 години. Автошколите да воведат курсеви како пред полагање да има некаква едукација, децата да имаат познавање на знаци и сообраќајни правила“, рече Ромео Јовановски, претседател на мото клубот „Конзули“ од Битола.

    Од Отсекот за превенција при СВР Битола рекоа дека голема е бројката на затекнати малолетници кои управуваат веспи, а се’ уште не ги имаат исполнето условите за управување со нив.

    „Да испратиме порака до битолчани и до сите возачи на моторцикли и возачи на патнички моторни возила, да нема урлање, никакви беснеења со моторите и веспите. Ова лето бевме сведоци на урлање низ битолските улици. Не сакаме репресивни мерки да преземаме, туку превентивно да дејствуваме не само врз децата туку и врз родителите кои ги купиваат тие веспи и моторцикли. Тука сме за битолчани, да им укажеме безбедност во патниот сообраќај“, рече Сашо Гилевски, началник на отсекот за превенција при СВР Битола.

    Настанот беше во рамки на активностите за одбележување на Европската недела за безбедност во сообраќајот и Европската недела за мобилност.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира