Сиромаштијата, исклученоста од пазарот на трудот и од образованието, ограничениот пристап до социјална и здравствена заштита, соодветно домување и згрижување на децата се сериозни проблеми со кои се судруваат Ромките во Македонија. Ова беше кажано на промоцијата на извештајот „Достапност и пристап до услуги за поддршка на жени и девојки Ромки кои преживеале насилство“. Истражувани се Ромки од Кичево, Куманово, Велес, Прилеп, Кочани и Штип во текот на април.
„Во сите шест градови каде се реализираше проектот нема интервентно сместување за жените жртви на насилство од сите облици. Непознавање на јазикот е исто проблем. Некои велат дека Ромките го знаат македонскиот. Можеби на пазар, но разговорниот, секојдневниот тешко им оди. Трошоците кои стопанствениците и државата ги трпат поради насилството над жените се големи. Дали е тоа боледување, намалување на работната способност, сето тоа силно се одразува врз продуктивноста“, кажа проф. д-р Стојанка Мирчева.
Насилството врз жени не е само семејно, туку опфаќа повеќе видови, и дома и во јавниот живот. Мирчева посебно го издвои обликот на присилна контрола, кој, според праксата, најчесто завршувал со убиство.
„Како пример ќе ги посочам пораките што жената ги прима на својот мобилен телефон, а партнерот ги контролира“, рече Мирчева.
Меѓу заклучоците од извештајот финансиран од ЕУ е потребата од обезбедување на интервентно сместување за жените кои биле изложени на насилство. Се констатира дека се потребни е воспоставување на програми за економско јакнење на Ромките, бесплатно сместување на децата во градинка, бесплатно дооформување на образованието и помош при вработување.
П. ПЕЧКОВ