Младите од Босилово со протестен марш низ општинскиот центар побараа надлежните конечно да се изјаснат за рудникот Иловица-Штука што треба да се гради на планината Огражден. Директно ја повикаа Владата да донесе одлука и ја прекине неизвесноста околу овој проект кој, како што кажаа на протестот, не носи добро за струмичкиот регион. Редно е власта да го слушне гласот на народот, велат младите од Босилово кои го повикаа премиерот Зоран Заев да најде решение и да ја стопира постапката за изградба на рудникот за бакар над нивните села.
„Почитуван премиере, во повеќе наврати дадовте ветувања дека рудник во Иловица нема да има. Затоа прво вам ви се обраќаме во најбрз можен рок да пронајдете решение за нашиот проблем. Ги повикуваме и локалните власти да се ангажираат во борбата против рудникот“, кажа Мики Крстев, граѓански активист од селото Штука против отворање рудникот.
На протестот излезе и првиот човек на Општина Босилово Зоран Зимбаков. Тој рече дека поддршка дава на младите и на граѓаните, бидејќи тие го избрале на ова функција, но конечната одлука околу иднината на рудникот Иловица ја има централната власт.
Младите на протестниот марш уште еднаш го изразија својот страв дека рудникот кај Иловица ќе ја загадува животната средина и дека со неговата работа нема да се чувствуваат безбедни и ќе им биде загрозено нивното здравје
„Се плашиме за нашето здравје, за уништувањето на околината. Едноставно бараме да се слушне нашиот глас, бидејќи овој рудник ќе биде еколошко зло за регионот и не сакаме да ни донесе разни болести“, кажаа младите од општина Босилово кои добија поддршка од сите активисти против рудници од целиот југоисток.
Се огласи и концесионерот на рудникот „Еуромакс рисорсис“ од каде ги повикаа сите засегнати страни своите ставови да ги градат на проверени информации, бидејќи за проектот Иловица-Штука се ширеле паушални и неточни податоци на штета на компанијата и пошироката јавност.
„Ја поддржуваме секоја активност за заштита на животната средина која е поткрепена со точни информации, но лажните вести и говорот на омраза воопшто не е граѓански активизам. Досега слушнавме бројни обвинувања од областа на животната средина, геохемијата, сеизмичката активност во регионот, но ниту еднаш зад овие обвинувања немаше доказ од нивен експерт или познавач на таа област“, стои во реакцијата на „Еуромакс рисорсис“.
В. ТРАЈКОВ