По повод 28 август, Денот на македонските рудари и двојниот празник на Македонска Каменица, рудникот „Саса“ и оваа година ја продолжи традицијата на оддавање признание на своите вработени за нивните труд, стручност и посветеност кон безбедното и стабилно работење на рудникот. За празникот, сите вработени во „Саса“ добија парична награда за своите залагања, додека на вкупно 121 вработен им беа доделени дополнителни парични награди и признанија за особен придонес кон остварувањето безбедно и стабилно производство и за другите активности поврзани со работењето на „Саса“.
Признанието Најдобар рудар за 2025/2026 му беше доделено на Драганчо Јованчов, ракувач со електрохидраулична дупчалка во јама, кој доби пригодна парична награда и подароци. Како дел од одбележувањето на празникот, за сите вработени беше организиран и традиционален свечен ручек.
„Денот на рударите е можност да им оддадеме признание на нашите вработени, чии труд, знаење и посветеност се важни за успешното работење на рудникот ‘Саса‘. Истовремено, овој празник нè потсетува на силната поврзаност меѓу рудникот и Општина Македонска Каменица. Рудникот ‘Саса‘ не е само компанија што работи овде, туку е дел од заедницата со која со децении расте и ги споделува и успесите и предизвиците. Ќе продолжиме да вложуваме во безбедни и современи услови за работа и да создаваме вредност за сите, бидејќи успехот има поголема вредност кога се споделува“, изјави генералниот директор на рудникот „Саса“, Џејмс Караматич.
Одбележувањето на празникот се одвива во период на продолжена модернизација на рудникот „Саса“. Во пресрет на празникот ставени се во функција три нови подземни камиони кои придонесуваат за поголема оперативна сигурност и транспортна ефикасност, а беше заокруженa и првата фаза од проектот со кој се подобрува подземната вентилација. Со реализацијата на овие вложувања се оптимизира транспортот на руда, дополнително се унапредуваат условите за работа и се овозможува побезбедно извршување на подземните рударски операции.
Значаен напредок е постигнат и во дигитализацијата на рудникот, преку воведување централизиран систем за следење и управување со рударските процеси, кој преку интеграција на опремата и системите за мониторинг, овозможува следење на производството во реално време, подобра контрола на опремата и оптимизација на потрошувачката на енергија.
Овие проекти се дел од вкупните инвестиции во рудникот „Саса“ кои надминаа 120 милиони долари, реализирани од влезот на Централ Азија Металс (CAML) во „Саса“ во ноември 2017 година до денес. Овие средства се инвестирани во набавка на современа рударска опрема, дигитализација на технолошките процеси, реализација на капитални проекти за модернизација на рударските методи, зголемување на ефикасноста и минимизирање на еколошкиот инпакт, како и во унапредување на безбедноста, стандардите и условите за работа во рудникот и во професионалниот развој и едукација на вработените.



