РУДНИЦИТЕ НА РЕК БИТОЛА ИМААТ РЕЗЕРВИ ОД 58 МИЛИОНИ ТОНИ ЈАГЛЕН, А ТРИТЕ БЛОКА ГОДИШНО ТРОШАТ ШЕСТ МИЛИОНИ

    РУДНИЦИТЕ НА РЕК БИТОЛА ИМААТ РЕЗЕРВИ ОД 58 МИЛИОНИ ТОНИ ЈАГЛЕН, А ТРИТЕ БЛОКА ГОДИШНО ТРОШАТ ШЕСТ МИЛИОНИБлоковите на РЕК постепено ќе се исклучуваат до 2040, а лигнитот ќе се замени со обновливи извори на енергија (Фото: СДК.МК)

    Резервите на јаглен во рудниците на РЕК Битола, Суводол и Брод Гнеотино изнесуваат околу 58 милиони тони, а годишно трите блока трошат шест милиони, велат од ЕСМ. Поголемиот дел, околу 38 милиони тони, се во Суводол, а другиот дел во Брод Гнеотино.

    „Јагленот е природен ресурс кој се троши, во зависност од ангажираните капацитети. Тоа е и една од причините поради кои се размислува за замена на јагленот со друг енергенс и за евентуално проширување на рудничките капацитети на РЕК Битола. За работа со три блока, на РЕК му се потребни околу шест милиони тони јаглен годишно“, велат од ЕСМ.

    Со овие резерви еднакво поделени, трите блока би работеле уште десет години. Но, Националната стратегија за развој на енергетика предвидува постепено исклучување на блоковите до 2040 година и замена на лигнитот со производство на струја од обновливи извори. Првиот блок ќе биде исклучен за пет години поради намалени резерви на јаглен, а станува збор и за најстарата постројка, која своевремено не беше модернизирана како останатите два блока. Раководството планира да изгради гасна централа, која ќе дава и електрична и топлинска енергија во замена за блокот 1.

    По 10 години, со работа ќе престане блокот 2, а до 2040, и блокот 3. Покрај когенеративната гасна централа, во РЕК Битола се планира и фотонапонска електрана, со сила од најмалку 200 мегавати.

    На прашањето дали е исплатливо да се вложува во реконструкција на електростатските филтри во РЕК кога лигнитот постепено ќе се заменува со други еколошки извори, од Комбинатот велат дека струја од јаглен ќе се добива и во следните 20 години и ќе мора да се запазат еколошките стандарди.

    „Без разлика дали РЕК Битола ќе произведува струја од јаглен или од гас, мора да има А-интегрирана дозвола, со која се регулира неговата работа од еколошки аспект“, велат од ЕСМ.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира