САД НА АРМ Ѝ ДОНИРАШЕ ЦЕНТАР ЗА СИМУЛАЦИИ ОД 1,4 МИЛИОНИ ДОЛАРИ

    САД НА АРМ Ѝ ДОНИРАШЕ ЦЕНТАР ЗА СИМУЛАЦИИ ОД 1,4 МИЛИОНИ ДОЛАРИПретседателот Ѓорге Иванов и американскиот амбасадор Џес Бејли на свечено сечење лента во велешката касарна „Алексо Демниевски Бауман“. (Фото: СДК.МК)

    Во Командата за обука на АРМ, во велешката касарна „Алексо Демниевски Бауман“, беше предаден на користење Центар за симулации. Во него, САД вложија 1,4 милини долари и со овој систем, се подига квалитетот на обука на македонските кадри, а при учество на заеднички воени вежби, од Македонија ќе може да се следи работата на војниците на АРМ во соседството. Новоопремениот Центар за симулации го предадоа за користење американскиот амбасадор Џес Бејли, претседателот Ѓорге Иванов и началникот на генералштабот на АРМ Методија Величковски.

    „Ова е уште еден практичен пример за соработката меѓу САД и Република Македонија. Евроатланско партнерство е клучно и оснава за справување со растечките закани кои ги имаме во Европа и надвор од неа. Оваа опрема е доказ како треба да се инвестира во ваквиот вид на систем. Ова е скапа инвестиција, но и паметна инвестиција. Таа ќе ја подигне подготвеноста на офицерите и можноста да изведуваат операции во реални услови“, рече Џес Бејли амбасадорот на САД во Македонија.

    Тој потсети дека кон крајот на овој месец нов контингент на македонски војници ќе замине за Авганистан и се заблагодари на помошта која Македонија ја дава и најави дека ќе продолжат да ја поддржуваат во подигањето на нејзините армиски капацитети.

    „Стратегиското партнерство кое што Македонија го има со САД, се покажува во пракса преку оваа помош. Со оваа донација, можноста за обука на командите и штабовите се подига на повисоко ниво со дополнителна можност нашиот центар да се поврзе со сличните во регионот. Така ќе добијат поквалитетна обука иако најдобра, а е таа на терен. Но подготовките, носењето на одлуки, организацијата на штабната работа ќе биде подигната на највисоко можно ниво, АРМ покажува во пракса дека е достоинствен партнер за зачленување во НАТО“, рече генерал Величковски.

    Посетата на велешката касарна „Алексо Демниевски Бауман“, во која што доброволно отслужуваат воен рок, припадници на АРМ, Бејли ја заврши со заеднички ручек, а на трпезата беше војничко гравче.

    П. ПЕЧКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира