САХАРСКАТА ПРАШИНА ГО ЗАГАДИ ВОЗДУХОТ ВО ВЕЛЕС И ВО ОХРИД, ШТИП И КАВАДАРЦИ

    САХАРСКАТА ПРАШИНА ГО ЗАГАДИ ВОЗДУХОТ ВО ВЕЛЕС И ВО ОХРИД, ШТИП И КАВАДАРЦИСреднодневната измерена вредност на ПМ10 честички за Велес била 113 мг/м³, што за летно време е многу висока вредност. (Фото: СДК.МК)

    На 29 август наутро во Велес се измерени неверојатно високи часовни концентрации на ПМ10 честички од 465 мг/м³. Оваа вредност била измерена во 5 часот. Подоцна во текот на денот, мерните инструменти на Министерството за животна средина измериле високи вредности од 329 мг/м³ и 198 мг/м³ во 11 часот. Поради ова, среднодневната измерена вредност на ПМ10 честички за Велес била 113 мг/м³, што за летно време е многу висока вредност.

    Анализата на податоците за овој ден или ден претходно од Охрид, Штип, Кавадарци, покажува исто така вредности над граничната од 50 мг/м³. Или, тоа покажува дека не било инцидент во Велес, туку некаква појава која била присутна во Македонија.

    Екологистот Игор Смилев вели дека високите вредности на ПМ10 честичките овие денови се поради налет на прашина од Сахара.

    „Периодот од 25 до 30 август Македонија беше под налет на прашина од Сахара. Тоа предизвика не само во Велес, туку и во други градови зголемување на загадувањето на воздухот со ПМ10 честички. Во Велес тоа беше случај во саботата наутро и претпладне. Честичките од прашината на Сахара ни го загадија воздухот, друго објаснување нема“, вели Смилев.

    Според стручните проценки на метеоролозите, сахарската прашина во Велес и над Македонија била на височина од 3.000 до 5.000 метри.

    Високите температури на крајот на август придонесоа и за високи вредности на озон во воздухот. Така, на 23 август во Велес имало измерено 100 мг/м³ за 24 часа. Високото присуство на озон во воздухот на ниво на земјата, тропосферски или „лош“ озон, означува сериозно аерозагадување кое претставува директна опасност за човековото здравје и околината.

    За разлика од „добриот“ озон високо во стратосферата, кој нè штити од УВ-зрачење, озонот во близина на тлото е токсичен гас и главна состојка на летниот смог. Тој не се испушта директно, туку се создава преку хемиски реакции помеѓу издувните гасови од возилата и индустријата – азотни оксиди и испарливи органски соединенија, под дејство на силна сончева светлина и високи температури. Затоа, неговите концентрации се највисоки во текот на топлите летни денови.

    Дишењето воздух со висока концентрација на озон предизвикува сериозни респираторни и други здравствени проблеми – намален белодробен капацитет, влошување на хроничните болести.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира