Во Програмата за дијабетес за следната година новина е обезбедувањето средства во државниот буџетот за набавка на сензори за континуирано мерење на шеќер во крвта за деца до 18 години и бремени жени кои примаат инсулинска терапија, вети министерот за здравство Беким Сали во поздравното писмо до лицата со дијабет. Тој поради неодложни работни обврски не присуствуваше на одбележувањето на 14 ноември, Денот за подигање на свеста за дијабетесот, но во свое име го испрати поздравното писмо.
„Овие сензори првпат во државата се обезбедуваат со средства од буџетот, а ќе бидат бесплатни за овие пациенти. Станува збор за околу 700 деца и трудници. Друга новина- ќе се реализира во соработка со Клиниката за детски болести, каде ќе биде отворен Едукативен центар во рамки на клиниката, имајќи ја предвид важноста на едукацијата од педијатрите-ендокринолози, што е клучна за што е можно поквалитетен третман на децата“, напиша Сали.
Статистиката покажува дека во светски рамки, дијабетесот е еден од најбрзо растечките глобални здравствени проблеми кој достигна алармантно ниво. Денес, повеќе од половина милијарда луѓе живеат со дијабетес во светот или 1 од 10 лица од светската популација, а дополнително во светски рамки бројот на деца и адолесценти со дијабетес бележи драматичен раст на годишно ниво.
Според податоците од Мој термин, во нашата држава со дијабетес мелитус вкупно има 135 илјади пациенти, од кои со дијабетес тип 1 се 5.500 пациенти, додека на инсулинска терапија се 43 илјади пациенти.
Сали во писмото посочи дека Министерството за здравство и Националната комисија за дијабетес во континуитет ги следи современите трендови во третманот на дијабетесот. Во изминатиот период се воведени нови формулации на инсулини, анолози со подобар безбедносен профил и пофлексибилен начин на дозирање. Исто така, се обезбедени лекови со докажан кардиоваскуларен и ренопротективен бенефит за ризик групите со кардиоваскуларни проблеми, срцева слабост, ренално засегање. Воедно, зголемен е бројот на инсулински пумпи кај тип 1 дијабетес, од 50 на 70 пумпи. Воедно сите лица на инсулин се навремено снабдени со потребната терапија.
Ж. ЗДРАВКОВСКА