САМИ НЕ МОЖЕМЕ ДА ОДИМЕ И ДА СИ КУПИМЕ ЛЕБ, ПРОТЕСТИРАА СЛЕПИТЕ ЛИЦА ВО БИТОЛА ОТИ ВТОР МЕСЕЦ ДРЖАВАТА ГИ ОСТАВИ БЕЗ ЛИЧНИ АСИСТЕНТИ

    САМИ НЕ МОЖЕМЕ ДА ОДИМЕ И ДА СИ КУПИМЕ ЛЕБ, ПРОТЕСТИРАА СЛЕПИТЕ ЛИЦА ВО БИТОЛА ОТИ ВТОР МЕСЕЦ ДРЖАВАТА ГИ ОСТАВИ БЕЗ ЛИЧНИ АСИСТЕНТИВеќе два месеца државата не им ги продолжила договорите на дело на личните асистенти кои им помагаат на лицата со попреченост во Битола. (Фото: СДК.МК)

    „До продавница не можам да одам леб да си купам. Многу тешко функционираме без асистенција, видот го изгубив на 23 години и сум сто проценти слепа“, се пожали Сашка Дојчиновска на денешниот протест на слепите лица и нивните лични асистенти во Битола. Веќе два месеца државата не им ги продолжила договорите на дело на личните асистенти кои им помагаат на лицата со попреченост во Битола.

    Со тоа, асистентите се оставени без пари за егзистенција, а лицата со попрчености без нивната помош.

    „И јас и мојот сопруг сме слепи лица. Едноставено е невозможно, зашто Битола како град е страшно непристапен. Тешко се движи по битолските улици со стапче. 90 проценти од улиците се без функционален тротоар. Многу е тешко да се живее без асистенција“, рече Весна Софрониевска.

    И во изминатиот период исплатата на надоместокот не се вршела редовно. Персоналните асистенти кажуваат дека хонорарите за ноември и декември ги зеле на 14 јануари.

    „Бараме итно потпишување на управните договори и писмено известување за точен датум на реализација. Во иднина очекуваме и трајно вработување, а не да чекаме продолжување на договорите од година во година. Ако вака продолжат работите, ќе бидеме принудени да бараме друга работа. Вака ем сме неосигурани, ем не сме финансиски покриени“, рече Светлана Чулаковска-Ивановска , личен асистен на лице со посебни потреби.

    Досега статусот на личните асистенти се решаваше со договори на дело, односно за нив беше платен само персонален данок и надоместокот за услугата. Тие земаат хонорар од 19.200 денари месечно за опслужување еден корисник со 80-часовна работа или 39.200 денари за двајца корисници за 160 часа ангажман.

    Од Министерството за социјална политика соопштија дека причината поради која во моментов не се продолжени договорите е тоа што Министерството, согласно закон, средствата за лична асистенција ги доделува преку јавен повик. Во моментов, постапката е во тек и Комисијата континуирано ги разгледува пристигнатите пријави. Од Министерството доаваат дека веднаш по завршување на постапката и конечноста на решенијата, ќе се склучат договорите и средствата ќе почнат да се исплаќаат по корисник на месечна основа.

    Покрај ова, слепите лица од Битола се пожалија и дека има злоупотреби на користењето лична асистенција низ државата.

    „Има корисници кои немаат потреба од асистенција, а земаат и тука доаѓа до делење на парите. Кажувам за слепите лица во цела Македонија. Моето браање е до Министерството за социјална политика да се направат контроли кој колку гледа и дали е за персонална асистенција, за да немаме вакви проблеми. Има луѓе кои гледаат, а користат асистенти“, додаде Дојчиновска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира