САМО ШТО ЌЕ ИЗГАСНЕМЕ, ПАК СЕ ПАЛИ, ВЕЛАТ ДОБРОВОЛЦИТЕ ОД „АРХАНГЕЛ“ КОИ ГО ГАСНАТ ПОЖАРОТ КАЈ ПАРАЛОВСКИОТ МАНАСТИР ВО НОВАЦИ

    САМО ШТО ЌЕ ИЗГАСНЕМЕ, ПАК СЕ ПАЛИ, ВЕЛАТ ДОБРОВОЛЦИТЕ ОД „АРХАНГЕЛ“ КОИ ГО ГАСНАТ ПОЖАРОТ КАЈ ПАРАЛОВСКИОТ МАНАСТИР ВО НОВАЦИДруштвото брои 35 члена, од кои 12 се организирани во две смени да дејствуваат против пожарите во Новаци (Фото: Фејсбук)

    Доброволното противпожарно друштво „Архангел’ од Битола веќе неколку дена деноноќно е вклучено во гаснењето на големиот пожар што избувна во Општина Новаци. Тие од два часот утрово се на првата борбена линија, спречувајќи огнот да се прошири кон селото и манастирот „Свети Ѓорги“ во Паралово, каде е и гробот на војводата Ѓорги Сугарев и шестмина комити од неговата чета.

    „Учествувавме во гаснењето кај селата Скочивир, Сливица, Балдовенци, а сега и кај Паралово. Тешко пристапен терен е, воедно и стрмен, тежок за интервенција. Само што ќе изгаснеме, по некоја минута пак се пали, има многу паднати лисија“, вели Александар Ангелевски, основач на ДПД „Архангел“, кој е на терен кај Паралово.

    Здружението брои 35 члена, од кои 12 се организирани во две смени да дејствуваат против пожарите во Новаци. На располагање имаат само едно противпожарно возило, кое претходно им беше доделено од Општина Битола, па сами го реставрираа. Но, сега и тоа е на поправка. Им недостига интервентна опрема, како чизми и шлемови. Беа вклучени и во гаснењето на пожарите во Битола.

    Општина Новаци нема посебна противпожарна единица, но во битолската плаќа тројца пожарникари од својот буџет. И таа интервенира при пожари во Новаци.

    Од Центарот за управување со кризи соопштија дека пожарот е уште активен и е на потег од селото Полог кон Тепавци, Гнилеж и Паралово, при што гори ниска вегетација. Градоначалникот на Новаци, Стевче Стевановски, пред некој ден изјави дека пожарот, чија линија според ЦУК зафаќа и 10 километри, настанал од гром при локално невреме.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира