Градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами денеска ја пушти во употреба реновираната улица Радован Цониќ во централниот дел на градот. На свеченоста, на бандерите беа истакнати само знамињата на Република Албанија, а на церемонијата на пуштањето на улицата во употреба децата носеа албански народни носии. Немаше ниту македонско знаме, ниту македонска носија.
На новинарско прашање зошто на оваа свеченост нема истакнато македонско знаме и македонска носија Касами одговори: Добра забелешка, во друга ситуација ќе го имаме.
Улицата Радован Цониќ, или попозната кај народот како Улица на бутиците, е долга околу 400 метри и при нејзината реконструкција беше поставена нова канализација и подземна инфраструктура, а се поставени клупи, канделабри, калдрма и се посадени млади садници со дрва.
Реконструкцијата е со пари од европски фондови за меѓудржавна соработка помеѓу Македонија и Косово, поконкретно помеѓу градовите Тетово и Призрен.
З. АНДОНОВ