САНИРАН ЖЕЛЕЗНИЧКИОТ МОСТ НА РЕКАТА ЦРНА, ПАК ВОЗИ ВОЗОТ ОД ВЕЛЕС ДО ГЕВГЕЛИЈА, ЖЕЛЕЗНИЦАТА ЗАГУБИ 1,5 МИЛИОНИ ЕВРА

    САНИРАН ЖЕЛЕЗНИЧКИОТ МОСТ НА РЕКАТА ЦРНА, ПАК ВОЗИ ВОЗОТ ОД ВЕЛЕС ДО ГЕВГЕЛИЈА, ЖЕЛЕЗНИЦАТА ЗАГУБИ 1,5 МИЛИОНИ ЕВРАВчера беше извршено пробно товарење на мостот кое се покажа успешно, по што (МЖ)-Инфраструктура одлучи дека може да се одвива железнички сообраќај. (Фото: СДК.МК)

    Патничкиот воз кој вчера  од 16,55 часот тргна од Скопје е првиот кој по пауза од 52 дена стигна до Гевгелија, без притоа патниците да преседнуваат во автобус и така да се премости оштетениот мост на реката Црна кај локалитетот Стоби. Ова откако заврши санацијата на Железничкиот мост, кој беше оштетен на 14 ноември лани. Вчера беше извршено тестирање, пробно товарење на мостот кое се покажа успешно, по што Македонски Железници (МЖ) – Инфраструктура одлучи дека преку санираниот мост може да се одвива железнички сообраќај.

    „Се работеше за пропаѓање на вториот столб, што е последица на пуштање енормна количина на вода, испуштена од ХЕЦ Тиквеш. Извршените испитувања покажаа дека една третина од темелот на мостот е поткопана, дојдено е до ротирање на целиот столб и мостот беше спуштен за 24 сантиметри. Ние, како Железница, не можеме да влијаеме на промената на режимот на реката Црна. Ако некој од блоковите на РЕК Битола не работи се пушта поголема количина вода, која резултира со поткопување на дното на реката. Тоа е идентична ситуација како и пред пет години кога беше оштетен првиот носечки столб“, кажа Владимир Трајковски, координатор за санација на Железничкиот мост.

    Железничкиот сообраќај на пругата Велес-Гевгелија е во прекин од 14 ноември. Поради тоа, товарниот сообраќај не функционираше и превозот на стоката од пристаништето во Солун кон Средна Европа се превезуваше преку Бугарија. Патничкиот железнички сообраќај се изведуваше комбинирано, од Градско до Неготино и обратно патниците се превезуваа со автобус, додека од Скопје до Градско и од Неготино до Гевгелија со воз.

    „Овој Коридор 10 е од витално значење на МЖ, тој ја обезбедува нашата работа. Најголемите приходи во компанијата стигаат преку него. Клиентите кои ги користат нашите услуги се во исчекување на нормализација на товарниот сообраќај. Со затворањето на оваа делница, претрпевме големи штети, кои уште ги пресметуваме“, рече Тоше Силјановски, директор на товарен сообраќај во  МЖ – Транспорт.

    Според претставникот на МЖ-Инфраструктура, секојдневно поради несообраќање на товарните возови, тие губеле по 30 илјади евра или за сите 52 дена вкупно претрпеле загуба од 1,5 милиони евра. Оваа деленица е најкратка железничка врска на солунското пристаниште со Средна Европа.

    „За да се испита детално оштетувањето на мостот се користеа и нуркачи. Тој има проблеми уште при неговата изградба, со квалитетот на неговите материјали, со неговата местоположба која се наоѓа на влив од една во друга река. Ние школски велиме дека тука, на таква локација не се гради мост, има вртлози, зголемено ниво. И при санацијата на првиот столб и сега нагласуваме дека санацијата е времена за да може да се одвива железничкиот сообраќај. Од МЖ потврдија дека ќе се започне со проектирање на нов мост, во непосредна близина на постојниот, за да овој проблем трајно се реши“, рече Дарко Наков, професор на Градежен факултет.

    Изведувачот „Синтек инженеринг“ од Скопје ги заврши градежните работи пред време од рокот од 45 дена кој му бил даден, а започнаа на 29 ноември. Оваа фирма ја изведуваше санацијата и на првиот оштетен столб на истиот мост пред пет години, која се случи есента 2018. Тогаш железничкиот сообраќај беше во прекин 40 дена, а штетата беше проценета на 1,2 милиони евра.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира