СЕ БАРА РЕШЕНИЕ ЗА АТМОСФЕРСКИТЕ ВОДИ ОД ВОДНО ОД КОИ ПРОПАЃА ПАТОТ ВО ТЕФЕРИЧ, ВЕЛИ ЃОРЃИЕВСКИ

    СЕ БАРА РЕШЕНИЕ ЗА АТМОСФЕРСКИТЕ ВОДИ ОД ВОДНО ОД КОИ ПРОПАЃА ПАТОТ ВО ТЕФЕРИЧ, ВЕЛИ ЃОРЃИЕВСКИВо февруари пак распука патот во Теферич, само пет месеци откако беше реконструиран и беше поставен нов асфалт. (Фото: СДК.МК)

    Се работи на проект за прибирање на атмосферските води кои се слеваат кај патот во Теферич и предизвикуваат негово пропаѓање и свлекување. Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вели дека за ова прашање заедно со градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, разговарале и со премиерот Христијан Мицкоски.

    „Патот за Теферич е изграден пред дваесетина години на позиција каде што имало депонија, без притоа соодветно да се постапи и да се истретира тоа место. Тоа е едниот проблем. Вториот проблем е што треба да се реши атмосферската канализација таму. Цел проблем го прави водата која доаѓа од Водно. ​На тој потег во десетици наврати наназад е реагирано и е крпен, но прашање на време е кога повторно ќе пропадне. Во моментов се работи на проект што првенствено ќе биде за решавање на атмосферските води, второ ќе биде стабилизација на целиот терен таму“, вели Ѓорѓиевски.

    Во февруари пак распука патот во Теферич, само пет месеци откако беше реконструиран и беше поставен нов асфалт. Патот сега е свлечиште и постои опасност целосно да се излизга и падне. Создадена е огромна дупка, која од ден на ден станува поголема и патот пропаѓа надолу. Свлечиштето се наоѓа на 200 метри воздушна линија, односно на околу 85 метри висинска разлика над Домот за лекување зависности во Кисела Вода.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира