СЕ ГАСНЕ БИТОЛСКАТА ДЕПОНИЈА МЕГЛЕНЦИ, НЕ СЕ ЗНАЕ ДАЛИ СЕ САМОЗАПАЛИЛА ИЛИ НЕКОЈ ЈА ПОТПАЛИЛ

    СЕ ГАСНЕ БИТОЛСКАТА ДЕПОНИЈА МЕГЛЕНЦИ, НЕ СЕ ЗНАЕ ДАЛИ СЕ САМОЗАПАЛИЛА ИЛИ НЕКОЈ ЈА ПОТПАЛИЛ Од Јавното претпријатие „Комуналец“ во соработка со Противпожарната единица од Новаци и вработени од РЕК се на терен и се обидуваат пожарот да го стават под контрола. - Пожарот во Мегленци (Фото: СДК.МК)

    Од вчера попладне гори депонијата Мегленци каде Битола го одлага комуналниот смет. Огнот досега зафатил два хектари од ѓубриштето, па црни облаци од чад се издигаат над Мегленци. Од Јавното претпријатие „Комуналец“ во соработка со Противпожарната единица од Новаци и вработени од РЕК се на терен и се обидуваат пожарот да го стават под контрола.

    „Нашите служби веднаш презедоа итни мерки и активности. Пожарот со голема брзина се ширеше зашто имаше и ветер. Но, во една добра координација со РЕК „Битола“ и општина Новаци, успеавме со неколку возила цистерни да почнеме со локализација, а носевме и земја за насип, да направиме како еден вид брани, за пожарот да не се шири, а и да стигниме до самиот центар на жариштето. Активностите што ги преземавме цела ноќ продолжуваат и денес во текот на денот. Се надеваме дека за скоро време ќе кажеме дека е локализиран“, рече Панде Богоевски, директор на ЈП „Комуналец“.

    Запрашан за причините на пожарот, тој рече дека не би сакал да шпекулира, но симптоматично е тоа што запалувања на депонија се јавуваат во недела кога нема истовар на смет.

    „За причините не би сакал многу да коментирам дали се случило заради самозапалување или не дај Боже заради несовесно постапување на некој граѓанин. Но, ние цениме дека е многу симптоматично што се случуваат вакви пожари еднаш – два пати годината, но во недела, во попладневните часови кога ние немаме истовар на отпад на депонија. Единствено останува стражарската служба“, рече Богоевски.

    Тој додаде дека сметот на депонија постојано го насипуваат со земја, но мора да бидат внимателни зашто добар дел од тоа посипано ѓубре може да направи дополнителен проблем зашто гасовите работат внатре.

    „Депонијата е голема површина, ние имаме стражар постојано. Но, доаѓаат диви берачи на пластика и на отпад кои практично од тоа живеат. Додека од една страна браниме, тие влегуваат од друга“, велат од претпријатието.

    Решение во иднина би била изградба на современа регионална депонија, која според последните информации ќе биде сместена наспроти сегашната локација, во делот на РЕК.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира